Десетици повредени при протест против депонирање нуклеарен отпад во Франција

Француската полиција со водени топови, шок бомби и солзавец се спротистави синоќа на стотиците демонстранти кои се против планот за депонирање нуклеарни отпадоци во околината на нивниот град Бур во североисточниот дел од земјата.

Организаторите на протестот изјавиле дека преку 36 лица биле повредени, шест од нив сериозно, додека повредени биле и двајца припадници на полицијата, пренесува Радио Франција Интернешнал.

Според информациите од властите, на протестот имало около 300 граѓани, некои опремени со шлемови, камења, палки и штитови. Властите додаваат дека полицијата одговорила откако демонстрантите кон нив фрлале со камења и барем еден молотов коктел.

Протестот е еден во серијата демонстрации против депонирањето на високо радиоактивен нуклеарен отпад, опасен нуспродукт на француската програма за нуклеарна енергија, 500 метри под земјата во близнина на нивниот град.

На планот критички гледа и Германија, бидејќи предвидената локација се наоѓа во близина на границата. Изградбата на депото се очекува да почне на почетокот на следната деценија, но се уште претстои период на одобрување на планот.

Претходно, Службата за нуклеарна безбедност изрази „воздржаност“ околу проектот познат како „Цигео“, првенствено поради потенцијалната опасност од високо запалливиот материјал во случај на подигање на температурите.