„Денови на Џек Хиршман“ денес и утре во Струмица и Гевгелија

Во кафе бар „наГоре“ во Струмица вечерва (петок, 29 октомври) со почеток од 20 часот започнуваат „Денови на Џек Хиршман“, каде присутните ќе можат да се запознаат со животот и делото на овој американски поет и активист. Настанот предвидува поетско читање, видео проекција и разговори за неговото творештво.

Настанот е организиран од Здружение за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“. За  музичкото интермецо и поддршката на поетските рецитали ќе биде задолжен Панче Илиев – Пи.

Во кафе бар „У“ во Гевгелија, утре (30 октомври, сабота) со почеток во 20 часот ќе продолжат „Денови на Џек Хиршман“ во соработка со Библиотеката „Гоце Делчев“. Програмата на настанот вклучува видео проекција со дел од неговите најважни претставувања, поетско читање, дискусија и презентација на неговото дело, и диџеј сет на Аџамија.

„Џек Хиршман е роден во Њујорк, а израснал во Бронкс. Како млад уредник на Асошиејтед прес во Њујорк, неговиот прв допир со славата и неговото јавно препознавање доаѓа преку писмото што му го напишал Ернест Хемингвеј, објавено по смртта на Хемингвеј како ‘Писмо до младиот писател’. Хиршман дипломирал на Сити колеџот во Њујорк и на Универзитетот во Индијана, кадешто студирал компаративна литература. Тој е популарен и иновативен професор на UCLA во периодот на 1970-тите, пред да биде отпуштен поради неговите антивоени активности. Оттогаш Хиршман живеел во Калифорнија, создавајќи го својот уметнички и политички дом во областа Норт Бич во Сан Франциско“, соопштуваат од „Контекст-Струмица“ во најавата за настаните.