Ден на еднакви плати: Жените во Европската Унија од вчера веќе работат „бесплатно“ до крајот на годината

Жените во Европската Унија од вчера и до крајот на годината ќе „работат бесплатно“ во споредба со нивните машки колеги. Тоа е затоа што на 15 ноември се одбележува Денот на еднакви плати во ЕУ, бидејќи жените од целиот блок продолжуваат да заработуваат 13% помалку од нивните машки колеги за еднаква работа, јавува Евроњуз.

Напредокот за затворање на овој јаз е бавен, односно е намален за само 2.8 процентни поени во текот на изминатата деценија.

Единаесет земји-членки веќе го поминаа денот на еднаквите плати бидејќи домашниот јаз во платите е поголем од просекот на ЕУ, вклучително и во Латвија и Естонија каде разликата во платите е над 20%.

Во меѓувреме, Луксембург имаше најниска разлика во платите меѓу мажите и жените, а жените беа платени 0.7% помалку од нивните машки колеги. Потоа следуваат се Романија и Словенија со разлики од 2.4% и 3.1%.

„Еднаквата работа заслужува еднаква плата – ова е основачки принцип на Европската Унија. Решавањето на неправдата на родовиот јаз во платите не може да дојде без промена на структурните нерамнотежи во општеството“, рекоа комесарките Вера Јурова и Хелена Дали во заедничката изјава.

За да се намали тој јаз, тие ги повикаа земјите од ЕУ да ја подобрат работата за да се обезбедат соодветни услови за жените и мажите да имаат поголем избор и подобро да ги споделат обврските и работата.