Демонстрантите се судрија со полицијата во Каталонија по апсењето на Пуџдемон

Најмалку 89 лица се повредени во судири со полицијата по протестите кои вчера се одржуваа во Каталонија откако поранешниот лидер на шпанскиот регион, Карлес Пуџдемон, беше уапсен во Германија.

Во судирите биле уапсени четири лица.

Според шпанската новинска агенција Ефе, на протестите во центарот на градот имало вкупно 55.000 луѓе, пренесува ББЦ.

Помали демонстрации се одржале и во Жирона, каде Пуџдемон во минатото бил градоначалник, во Тарагона и во Леида. Дел од демонстрантите ги блокирале и патиштата на различни локации.

Пуџдемон, кој во Шпанија е обвинет за бунт и поттикнување бунт, беше притворен од германската полиција според европска потерница. Тој треба да биде изведен пред судија во текот на денот.

ФОТО: Скај

Пуџдемон бил уапсен доаѓајќи од Данска на пат за Белгија, каде живее во егзил откако парламентот на Каталонија унилатерално прогласи независност од Шпанија во октомври.

Европската потерница за негово апсење била повторно издадена во петокот.

Во централна Барселона демонстрантите извикувале „Слобода за политичките затвореници“ и „Оваа Европа е срам!“ додека се движеле пред канцелариите на Европската Комисија и германскиот конзулат.