Деца мигранти без придружба заминуваат од Грција за Луксембург

Грција денеска од преполните мигрантски кампови префрли 12 деца кои се без придружба во Луксембург, поради загриженост од влијанието на коронавирусот врз ранливите групи, пренесува хрватски „Индекс“. Уште една група од 50 деца треба да отпатува од Атина за Германија во сабота, додека 20-тина деца ќе заминат за Швајцарија следниве денови.

Грција се надева дека ќе „пресели“ околу 1.600 малолетници без придружба следните месеци.

Најмалку 5.200 деца мигранти од Сирија, Авганистан, Ирак и афричките земји моментално живеат во Грција, а многу од нив во тешки услови во камповите на островите на Егејското море.

Заменик-министерот за миграција Јоргос Кумуцакос рече дека иако бројот на деца е мал, тој испраќа силна порака до другите да го следат примерот на Луксембург, а додаде дека Грција сноси несразмерен дел од товарот со бегалците.

„Грција е соочена со криза за време на криза, со миграција и пандемија истовремено. Таа комбинација ја отежнува и ја прави сложена веќе тешката состојба“, рече тој за државната телевизија „ЕРТ“.

Во моментов, во Грција има околу 100 илјади баратели на азил, од кои 70 илјади се наоѓаат во 38 кампови, според податоците на надлежните. Два кампови неодамна беа ставени во карантин, откако 30 мигранти се заразиле со коронавирусот.

Дванаесет европски земји изразија подготвеност да прифатат дел од нив на доброволна основа, вклучително и Италија, Финска, Србија, Ирска и Португалија, соопштија грчките власти.

Вчера невладината организација за човекови права „Хјуман Рајтс Воч“ побара од Грција да обезбеди услови за децата мигранти без придружба и да ги заштити од коронавирусот.

„Хјуман Рајтс Воч“: Грција да обезбеди услови за децата мигранти без придружба и да ги заштити од коронавирусот