„Хјуман Рајтс Воч“: Грција да обезбеди услови за децата мигранти без придружба и да ги заштити од коронавирусот

Грција треба да ослободи стотина деца мигранти без придружба кои ги држи во крајно лоши услови и да им најде сместување како би ги заштитиле од коронавирусот, бараат од организацијата за заштита на човековите права „Хјуман Рајтс Воч“ (ХРВ), пренесува „Н1“.

Од ХРВ сопштуваат дека 331 дете од 31 март се наоѓа во „полициски ќелии и неадекватни центри за притвор во Грција“, и додаваат дека кога деца би се ослободиле, ќе добијат подобра заштита од можна инфекција за време на на пандемијата со коронавирусот. Организацијата го повика грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да организира пренесување на децата во сместување кое е безбедно и прилагодено за деца.

„Држењето деца затворени во валкани полициски ќелии отсекогаш било грешка, но сега со тоа се изложени и на ризик да заболат од коронавирус“, вели Ева Косе, истражувач од ХРВ за Грција.

Од ХРВ особено жалат поради „лошата хигиена“ во центрите за притвор, со што посочуваат дека е „невозможно“ да се спроведат „основни мерки“ во борбата против коронавирусот, но и за „произволното и продолжено задржување“.

„Децата често немаат пристап до медицинска нега, психолошка поддршка, ниту правна помош, а малку се оние кои ги разбираат причините за притворот“, истакнуваат од ХРВ.

Во моментов, во Грција има околу 100 илјади баратели на азил, од кои 70 илјади се наоѓаат во 38 кампови, според податоците на надлежните. Два кампови неодамна беа ставени во карантин, откако 30 мигранти се заразиле со коронавирусот.