Данска размислува да ги забрани протестите со палење на Куранот

Данските власти соопштија дека размислуваат да ги забранат протестите со палење на Куранот, кои предизвикуваат тензии во муслиманскиот свет.

Светата исламска книга последниов период беше јавно сквернавена на неколку демонстрации во Шведска и Данска, што ги заостри дипломатските односи помеѓу овие држави и земјите од Блискиот Исток.

Данската Влада смета дека ваквите манифестации им користат на екстремистите и предизвикуваат поделби. Од друга страна, оние кои ги бранат ваквите демонстрации, сметаат дека тоа е невкусен но неопходен дел од слободата на говорот.

„Власта сака да ја разгледа можноста за стопирање на ситуации каде други држави, култури и религии се навредени. Особено доколку тоа има значајни негативни последици за Данска, особено во поглед на безбедноста. Ова, секако, мора да се направи во рамките на слободата на изразувањето кое е заштитено во уставот“, пишува во соопштението на министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен.

На крајот на јуни, Салван Момика, 37-годишен бегалец од Ирак во Шведска го запали Куранот пред главната џамија во Стокхолм. Минатата недела, тој повторно беше во центарот на вниманието откако искина примерок од книгата пред ирачката амбасада, со цел да покаже противење на религијата.

Инцидентот предизвика дипломатски проблеми со Египет, Саудиска Арабија и Иран, додека стотици Ирачани во револт ја запалија шведската амбасада во Багдад.

Расмусен вели дека протестите со палење на Куранот „достигнале ниво, каде Данска, во многу делови од светот, се гледа како држава која охрабрува навреди и омаловажување на култури, религии и традиции на други држави“.