Да ги храниме економиите, не депониите – банките за храна помагаат во борбата против гладта

Да ги храниме економиите, а не депониите. Ова е мотото на Банката за храна Македонија, која веќе 12 години неуморно се бори против фрлањето на храна како отпад во земјава и против гладот меѓу македонските граѓани, пишува Мета. Со Душко Христов, основач и раководител на организацијата, разговарале во нивните простории во Скопје во периодот кога се подготвуваа месечните пакети кои ги доделуваат до социјално загрозените лица во скопската општина Центар.

Банката за храна Македонија има главна дејност за собирање на вишоците храна од сите оператори со храна, како што се производителите, дистрибутерите, супермаркетите и рестораните, и нејзино складирање, евиденција, сортирање и дистрибуција до различни категории на социјално загрозени лица. Членки се на Европската федерација на банки за храна, каде се собрани над 420 банки за храна.

„Скоро 12 години како банка за храна во етерот на граѓанскиот активизам во Македонија ние успеавме да собереме и споделиме над 2.000 тони храна“, вели за Мета.мк Душко Христов.

Од почетоците на нивното функционирање до денес, над 22 различни компании се вклучиле како поддржувачи на банката за храна. Денес, Банката за храна Македонија има седум постојани поддржувачи, кои на месечна основа ја покажуваат нивната хуманост и донираат прехранбени производи кои се дистрибуираат до граѓаните на кои им е потребна помош.

Душко Христов, Банка за храна Македонија; Фото: Мета.мк

Христов особено потенцира дека самите граѓани ја препознаваат Банката за храна Македонија како организација, па така само во изминатиов месец имало над 20 телефонски јавувања од граѓани кои се одлучиле вишоците на храна од свадби, прослави, погреби да ја донираат, а нивната организација навремено ги презела и доставила ваквите вишоци до крајните корисници.

Додека светот се расфрла со храна, поединци гладуваат

Според податоците на Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), дури 17 отсто од светското производство на храна во 2021 година завршило на депонија. Глобалниот индекс на отпад од храна за лани покажува дека дури 61 отсто од фрлената храна на отпад потекнува од домаќинствата, 26 отсто од сервисите за производство на храна, а 13 отсто од продажните центри. Македонија нема точно определени статистички податоци за тоа колкави количества на храна завршуваат на отпад на годишно ниво, бидејќи Државниот завод за статистика (ДЗС) неа ја вбројува во единствена категорија „органски отпад“, во кој се вклучени собраните лисја и други состојки за компостирање.

Сепак, стапката на сиромаштија во Македонија е фрапантна. Според последните податоци на ДЗС, стапката на сиромашни лица во 2020 година изнесувала 21,8 отсто, односно под прагот на сиромаштијата живеат 451.900 лица. Во 2020 година, во земјава имало 32.345 домаќинства кои биле корисници на социјална помош. Бројката на малолетни корисници на социјална заштита изнесувала 16.262 лица, заедно со 49.263 полнолетни корисници на социјална заштита. Ваквите податоци се однесуваат за периодот пред настапувањето на глобалната енергетска и економска криза, која годинава предизвика драстични поскапувања на цените на основните прехранбени производи, струјата, нафтените деривати и гасот.

Душко Христов вели дека состојбата со сиромаштијата и недостигот на храна се влошува, во услови кога вредноста на минималната потрошувачката кошничка за едно семејство во јули 2022 година се искачила на 47.042 денари, според последните податоци објавени од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). На оваа криза ѝ претходеше и ковид-19 пандемијата, кога само во период од една година од Банката за храна поделиле по 819 поединечни пакети за храна на фамилии и поединци кои го изгубиле работното место во земјава.

Општините Центар и Кавадарци најмотивирани меѓу институциите за соработка

Банката за храна Македонија може да дистрибуира помеѓу 10 и 12 тона храна на месечно ниво. Нејзиниот основач посебно одвојува две општини во земјава – скопски Центар и Кавадарци, со кои непречено и континуирано соработуваат подолг период наназад.

„Во Општина Центар доделуваме 150 пакети уште од 2018 година, тоа значи веќе е четврта-петта година“, објаснува Христов за месечните пакети за храна кои ги добиваат социјално загрозените граѓани од центарот на Скопје.

Донираните прехранбени производи што се сортираат; Фото: Мета.мк

Покрај во Скопје, локална банка за храна е отворена и во Кавадарци, каде што исто така на месечно ниво се донираат помеѓу 2 и 3 тони храна, а во нејзиното функционирање се вклучени и локални волонтери.

„На нивен грб се околу 100-150 фамилии месечно, благодарејќи на градоначалникот Митко Јанчев и Советот на општина Кавадарци, нѝ доделија и простор и возило за дистрибуција на добиените донации до крајните корисници“, објаснува Душко Христов.

Тој додава дека се обратиле за соработка до речиси сите општини во Македонија, додека со 11 општини потпишале меморандуми за соработка, но до денешен ден не се создале конкретни услови за да отпочнат со работа. Солидна соработка е воспоставена и со општините Јегуновце, Новаци, Штип и Битола во изминатиов период, а во делот на компаниите, Христов ги споменува Тинекс, Стокомак, ВЕРО, Рамстор, Винчини и Витаминка.

Сортирање на пристигнатата храна; Фото: Мета.мк

Благодарејќи на соработката со ЕНВИРУМ, секојдневно во 11 градови низ земјава лебот и печивата од маркетите на ТИНЕКС преку партнерските организации се распределуваат до крајните корисници.

Христов вели дека управниот одбор на Банката за храна Македонија одлучил да формираат во иднина дополнителни банки за храна во земјава во наредните пет години, како би се овозможило формирање на македонска Федерација на банки за храна. Веќе имаат 19 посветени партнерски организации во градовите низ земјава, со кои е воспоставена професионална соработка.

Банката за храна Македонија има сопствено складиште во Скопје, кое им е на располагање веќе шеста година преку компанијата Тргојуг. Имаат две превозни средства за дистрибуција на храната во Скопје и Кавадарци, како и дополнителен простор од 65 метри квадратни во Кавадарци.

Христов објаснува дека нивни досегашни поддржувачи се Европската Унија, Цивика Мобилитас и Church Baptist Fellowship во Македонија, но се отворени за соработка и со субјекти кои допрва ќе пројават интерес.

И она што е најважно, тие имаат 47 волонтери кои несебично помагаат во складирањето, пакувањето и дистрибуцијата на храната, без кои е незамисливо функционирањето на банката за храна.

Списоците на социјално загрозени граѓани не ги составува банката за храна, туку Одделението за социјални работи при Општина Центар и Центарот за социјална работа во Кавадарци, при што врз основа на ваквите листи се врши транспарентна дистрибуција на храна. Кога ќе останат вишоци на храна во Скопје, Кавадарци, Битола и Штип, тие се распределуваат до партнерските организации.

Банката за храна нуди можности за младите лица

Од Банката за храна Македонија упатуваат посебна порака до младите лица во земјава за вклучување во нивната дејност. Покрај можноста за волонтирање во подготовката и дистрибуцијата на храната, младите треба да знаат дека тие не работат единствено на ова, туку и имаат многу други активности.

Душко Христов информира дека се иницијатори за изработка на посебен Закон за донирање на вишок храна, дел се од работна група за донации и спонзорства, планираат да иницираат измени и дополнувања на Законот за социјална заштита и се дел до социјалните совети на локално ниво. Млади луѓе и студенти по право, економија, социјална работа, земјоделство, но и од другите струки, може да се вклучат во активностите што ги презема банката за храна.

Фото: Мета.мк

„Сите оние коишто мислат дека имаат потреба и можност да се докажат во полето коешто го работат, ние сме секако отворени“, вели Христов, додавајќи дека на младите волонтери им даваат можност и самите да осмислуваат проекти и да се пронајдат себеси.

Како членка на Европската Федерација на банки за храна, младите преку нив имаат можност да се стекнат со посебни искуства во делот на банкарството со храна. Па така, во Германија нивна сестринска организација има посебна академија, која е единствена во светот и каде можат три-четири наши млади студенти да одат на практиканска програма и да се стекнат со знаења за банкарството со храна. Преку Европската Федерација на банки за храна годишно се одржуваат од четири до пет тренинг модули низ Европа, на кои можат да бидат пратени млади луѓе коишто се желни да научат нешто ново.

„Банката за храна е жива материја, за која што јас велам дај Боже да ставиме клуч на врата, бидејќи тоа ќе значи дека нема сиромаштија и нема глад. Гладот е најтежок вид на сиромаштија“, им порачува на младите Душко Христов.

Мета