По повод 80 години од фрлањето атомски бомби над јапонските градови Хирошима и Нагасаки, македонскиот сликар Живко Поповски – Цветин организира изложба „Цвеќе на мирот“ во галеријата „Метаноја“. Изложбата започна вчера и трае до 21 август, по што се сели на Струшките вечери на поезијата.
Изложбата ја отвори Коста Милков од галеријата „Метаноја“.
„Мирот никогаш не ги остава миротворците на мир. Пацифизмот нема никаква допирна точка со пасивизмот! Како и секој идеал кон кој се стреми човештвото, мирот како еден од најпосакуваните и најпотребните не се постигнува на сила или со демонстрација на моќ. Обратно од ова рамнодушноста, малодушноста, останување во зона на комфорот, исто така нема да доведе до траен и вистински мир. Но друг пат до мирот нема. На оваа вистина постојано нѐ потсетуваат страшните експлозии во Хирошима и во Нагасаки чија годишнина е во месецот август. Мирот бара дејствителна посветеност, самопрегор, самооткажување, отпор кон цинизмот, но и кон опортунизам. Мирот се гради со филантропија, со дарежливост, со трпение, со љубезност, со добрина, со доверливост, со кроткост и со самоконтрола“, рече Милков.
Според него, изложените слики низ децениите творештво на Цветин и овие денес не се цел сами за себе. Тие, рече тој, се манифестација на визија за мир во светот на Цветин. Односно, за обединување на сите луѓе во име на доброто, на вистинитото и на убавото, додека неговиот уметнички израз е збогатен од поезијата на безброј поети од Македонија, од Балканот и од целиот свет.
„Повеќе години наназад на одбележувањето на годишнината од употребата на атомската бомба во Хирошима и Нагасаки со повеќе поддржувачи на мисијата ‘Цвеќе на мирот’ испраќаме порака за мир во светот и апел против употреба на нуклеарното оружје до земјите што го поседуваат. Заканите за употреба на ова смртоносно оружје претставува последна опомена до сите мирољубиви луѓе во светот, да се крене гласот за да се спречи голема катастрофа на Планетата Земја“, додава Цветин.
За сите потфати Цветин ќе каже „Цвеќето во човекот не ги сака ветровите на војната. Јас не измислувам нови цветови, туку само пресликувам цветови во луѓето што ја сакаат слободата и мирот“.
„Неговите цвеќиња се подарени на луѓе како Мајка Тереза, Алвач Урал, Ференц Јухас, на Генадиј Ајги, а највпечатливо е цвеќето подарено на Вили Брант, човекот кој ја разбра цената на мирот и затоа на колена бараше прошка“, велат организаторите на изложбата.
Лидија Лучко Јеремиќ прочита сопствена поема за Хирошима и Нагасаки. Музички перформанс одржа и Никола Стојковски, додека Арна Шијак рецитираше песни од светски познати автори кои ги посветиле на Цветин.
Цветинова награда за мир ја добија Нада и Коста Милков, сопственици на галеријата „Метаноја“, за посебен придонес на Цветиновата мисија „Цвеќе на мирот“. Исто така, учесниците на отворањето со три балони пуштија порака за мир и ја објавија „Третата светска борба за мир“.
„Низ долгите години на неговите заложби за мир, Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, мисијата ,,Цвеќе на мирот” ја започнал на 10.10.1985 (пред четири децении), додека последниот настан во Галерија ,,Остен”, Скопје и Задар, Хрватска каде ќе продолжи во Сплит, Пула и други градови. Повеќе од пет децении предаденост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец“, велат организаторите.
Од таму посочуваат дека тој е креатор и идеолог на Декларацијата за мир во светот и против војните и употребата на нуклеарното оружје, која досега ја потпишаа повеќе од 3.500 лица. Оваа Декларација е отворена за потпишување како крик против војните и употребата на нуклеарното оружје и во поддршка на мирот во светот.