„Човек се троши неусетно“ – самостојна изложба на Тони Попов во Струмица

Во „Europe House“ во Струмица утре (6 април) во 19 часот ќе биде отворена изложбата на Тони Попов во организација на Здружението за култура „Транзен“.

Куратор е Никола Пијанманов, кој вели дека кога требало да се осмисли каталогот за сликите од најновата изложба на Попов, ги добил неговите песни, неговата скриена поезија. На почетокот ги знаел само сликите, кои ги следи прецизно и детално со секоја нивна појава.

„Кога ги прочитав песните, не знаев дали каталогот за изложбата да биде поетска збирка илуминирана со слики, или каталог на сликите, украсени со стихови кои ќе стојат под самите репродукции, наместо легенди и податоци за нив и нивната ликовна техника. Затоа што вистинските податоци за сликарството на Тони Попов можеме да ги откриеме само во неговата поезија. Тони е поет. Тој е еден од оние поети кои ги сликаат своите визии. Тој станал сликар затоа што мечтаел да ги види материјализирани зборовите кои ги отсонувал. Како што Вилијам Блејк ги решаваше алхемиските преобразби на неговите сликарски фантазмагории. Или како што тоа еднаш го направи Артур Рембо, пронаоѓајки им на боите, самогласки, а на согласките – форми. Така се родило сликарството на Тони Попов. Сликар на недовршената поезија…не, поточно сликар на поезијата која не завршува. Решивме овој каталог да биде златен пресек помеѓу неговото сликарство и поезија“, пишува Пијанманов за изложбата.

Според него, сликите на оваа изложба се самоспознание на еден човек. Откритие кое се случило во одразот на едно огледало, понекогаш заматено од патината на времето, понекогаш напукнато од притисокот на нетрпеливоста и маката на свесноста дека ќе бидеме заборавени, можеби засекогаш.

„Овие, како и сите значајни дела на сликарската уметност се видени во огледало. За да бидат запаметени. Секоја уметност е крик предизвикан од ужасот на заборавот. Суштината на ова кристално јасно сликарство се состои токму во нејасноста на огледалото да ги запамети нашите ликови“, посочува кураторот на изложбата.