Членката на руската група „Pussy Riot“, Марија Аљохина ја напуштила Русија, а во интервју за „Њујорк Тајмс“ во Литванија, изјавила дека успеала во бегството бидејќи се маскирала во доставувачка на храна.
Активистката се придружи илјадници Руси кои ја напуштија земјата од почетокот на руската инвазија во Украина.
„Еуроњуз“ пренесува дека минатиот септември, Аљохина била осудена на една година надзор, што вклучувала правни контроли, ограничено време за движење и забрана за напуштање на Москва, бидејќи таа повикувала на демонстрации против апсењето на рускиот опозиционер, Алексеј Навални.
На крајот на април, рускиот правен систем ги засилил мерките против Аљохина, па таа завршила со едногодишна казна затвор.
Во интервју за „Њујорк тајмс“, активистката изјавила дека успеала да избега од Москва поради маската, а дополнила дека со себе не го зела својот мобилен телефон за да спречи следење од полицијата.
Аљохина истакнала дека избегала во Белорусија, а една недела подоцна и по неколку неуспешни обиди, пристигнала во Литванија.