Чист воздух, зелена општина, функционални инспекции, гасна централа – во Аеродром се нуди мед и млеко за глас

Чистење депонии, повеќе зеленило, без бетонизација, силни инспекции, субвенции, енергетска ефикасност, комунална полиција, тужби и стотици километри инфраструктура и гасни централи… понудата на кандидатите за иден градоначалник на Општината Аеродром во Скопје од Коалициите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на Левица, е, благо речено, разновидна. Најголемиот дел од проектите се и претходно ветувани, но има и нови, од кои мал дел се реални и изводливи, а повеќето од нив се преамбициозни, дури и мегаломански познавајќи ги финансиските и човечките капацитети на општините во државава, пишува агенцијата Мета.мк.

Како и досега, кандидатите ветуваат брда и долини, но главно се вртат околу истите планови, кои претходните гарнитури не ги исполниле и реализирале. Третманот на животната средина е секогаш високо на агендите, особено заради тоа што Аеродром е меѓу општините со најлош квалитет на воздухот, со висока урбанизација и притисок од сообраќај.

Дејан Митески, кандидатот на коалицијата преводена од ВМРО-ДПМНЕ, на жителите на Аеродром им ветува нова гасна когенеративна централа, како решение за загадениот воздух, резултат на загревањето со дрва на домовите во дел од општината каде што има индивидуални објекти, како што е населбата Лисиче. Митески, централата ја сместува во дворот на ОХИС, каде што во тек е ископувањето на линдан од малата депонија и каде што останува и големата депонија со опасен отпад, за која во моментов не се нудат никакви решенија. Се проценува дека во дворот на ОХИС има околу 100.000 тони канцероген линдан измешан со почва.

Митески амбициозно ветува изградба на дури 110 километри подземна топловодна инфраструктура за четири години, со која планира да ги поврзе сите објекти во населбите Лисиче, Горно и Долно Лисиче, како и улиците „Ѓорѓи Капчев“ и „Тодор Чангов“, со сите краци. Дел од програмата на Митески е наречена и зелена офанзива, во која тој ветува дека ќе им наложи на инвеститорите за секои изградени десет квадратни метри да насадат садница на јавна површина. Митески ветува и подобрување на хигиената, зони на ниска емисија или урбани подрачја со ограничен пристап за возила кои имаат високи емисии, субвенции за домаќинства и фирми за соларни панели и енергетска ефикасност, реконструкција и нови системи за полевање во Ново Лисиче, Јане Сандански, 13 Ноември, Острово и Стар Аеродром, но и активни паркови, кои ќе биле не само места за одмор и прошетка, туку простори што ја поттикнуваат физичката активност, социјалната интеракција и здравиот стил на живот.

Митески, како и неколку други кандидати за градоначалник, вели дека ќе овозможи поставување фотоволтаични панели на постојните покриви на згради и куќи, а сопствениците да добиваат надоместок за користење на покривот. Граѓаните и сега имаат можност да ги искористат крововите за поставување на соларни панели, но и можност да ја користат енергијата која ќе ја произведат.

Кандидатот за градоначалник на Аеродром од Коалицијата предводена од СДСМ, Александар Трајановски, има планови за целосна трансформација на општината во чиста и зелена средина со реформи на комуналните служби, нова опрема и редовно миење на улиците. Тој вели дека нема да дозволи нови висококатници во најгусто населените делови, дека планира да го запре урбанистичкиот терор и бетонизацијата и дека сака повеќе зеленило, игралишта и паметно осветлување.

Трајановски ја воскреснува и идејата за комунална полиција, која граѓаните ја чекаат со години, а најавува и реорганизација и зајакнување на комуналните и на инспекциските служби. Тој најавува нова урбана опрема, клупи и канти за џебен отпад на секои 150 метри, планско градење согласно со принципите на хуманото живеење, изградба на нови спортски игралишта и спортски зони.

Трајановски планира да ги контролира загадувачите, да дава субвенции за алтернативни еколошки системи за загревање на домовите и да ги зајакне капацитетите на јавните комунални претпријатија за решавање на проблемот со отпадот. Тој во делот од програмата насловен чиста и зелена општина ветува зголемување на бројот на ангажирани сезонски работници, набавка на нови заштитни униформи и опрема за одржување на јавното зеленило и јавните пешачки површини, обнова на системите за наводнување, редовно поставување контејнери за собирање кабаст отпад и редовно миење на улиците.

Марјан Димитриев, кандидат на Левица најавува дека ќе ги тужи Општините Кисела Вода, Гази Баба, Градот Скопје и Министерството за животна средина, заради тоа што смета дека најголемиот дел од загадувањето во општината Аеродром е резултат на неработењето на околните општини како и централните државни институции, во врска со Цементарница Усје, Јавната установа Ранка Милановиќ, дивата депонија Вардариште, дивата населба кај Топланата, Тето и други. Тој ветува расадник кај железничкиот мост во Горно Лисиче и компостара за депонирање на органскиот отпад од тековното одржување на општината, зелен катастар, засадување по едно дрво за секое семејство, засилени инспекции, поставување на фотоволтаици на сите јавни објекти, субвенции за реновирање на старите згради со нови енергетски ефикасни фасади и кровови, како и гасификација на јавните установи кои немаат можност за приклучок на топлификациската мрежа.

Мета.мк