Цените за летувања ќе пораснат следниве месеци, најавува директорот на „Букинг“

Цените за патувања во текот на летната сезона ќе поскапат поради повисоката побарувачка и намалениот број на авионски летови, вели за Би-Би-Си директорот на сајтот за туристички сместувања „Букинг“ (Booking.com), Глен Фогел.

Тој додава дека цените веќе почнале да растат, а поради неизвесноста со пандемијата авио-компаниите се соочуваат со тешкотии да планираат вклучување на повеќе авиони кои би биле ставени на располагање.

„Има голем скок во побарувачката. Сите сакаат да патуваат, но сите сакаме тоа да биде безбедно“, вели Фогел.

Недостатокот на јасни планови за тоа како владите ќе ги признаваат вакцините и тестирањата за Ковид-19 од други земји предизвикува проблеми за туристичката индустрија, која е една од најпогодените сектори од пандемијата.

Според Фогел, од голема помош би бил еден единствен универзален систем.

„Многу различни луѓе, во многу различни влади разговараат за многу различни програми, но во моментов не постои ништо што е унифицирано, па така целата ситуација е многу конфузна. Го слушав премиерот на Италија кој изјави дека земјата наскоро ќе дозволи влез на туристи само со доказ за примена вакцина. Но, еве јас самиот си размислувам – јас сум вакциниран, но како да го докажам тоа? Дали треба со мене да го носам малото бело картонче кое го добив во САД, дали тоа ќе биде доволно? Потребни ни се појаснувања“, објаснува директорот на „Букинг“.

Во моментов се разгледуваат неколку системи меѓу кои и дозволата за патување на Меѓународната асоцијација за авионски транспорт, која се тестира од повеќе авио-оператори. Во меѓувреме, пак, Европската Унија се обидува да најде решение за дигитална дозвола која би била подготвена за користење пред летната туристичка сезона.

Недостатокот на јасни насоки предизвикува финансиски штети на туристичките компании. Компанијата која во сопственост го има „Букинг“ во првото тримесечје од 2021 година пријавила пад на приходите за 50% во споредба со истиот период лани.

Слични показатели покажуваат и податоците на Светскиот совет за патувања и туризам, каде вкупната вредност на туризмот во глобалната економија паднала од 9,2 билиони долари во 2019 година на 4,7 билиони долари во 2020. Односно пад од 10,4% на 5,5% како удел од глобалната економија.

Сепак Фогел вели дека забележуваат оптимистички трендови во државите каде вакцинацијата успешно се спроведува.

„Иако темпото на вакцинација останува фрустрирачки ниско низ најголемиот број земји во светот, Израел, Велика Британија и САД имаат придобивки од успешната дистрибуција на вакцините. Во секоја од овие земји гледаме охрабрувачки трендови на резервации, што покажува дека вакцинацијата е клучна за растот на побарувачката за патувања“, заклучува тој.