„CAUTION: X.G.O.T.A.G.O.!“ – изложба на Анкица Митровска во МКЦ

Вечерва со почеток од 20 часот во МКЦ (Галерија) ќе се отвори изложбата „CAUTION: X.G.O.T.A.G.O.!“ на Анкица Митровска.

Изложбата се состои од серијал (2014 – 2020) од експресивни цртежи во техника на јаглен на хартија, кои како индивидуални исечоци и хартиени банери се комбинираат во конструирана наративна ѕидна инсталација.

„Главни ликови во оваа инсталација се имагинарни, андрогени, хуманоидни мутанти полни со сарказам, сатира и двосмисленост во различна големина, форма и функција. Создадени се од бројни визуелни метафори како што се ранливи пози, со или без екстремитети, деформирани глави и делови од тела, зголемени очи, експресивни линии и подредени композиции. Ликовите се во постојан циклус на принудна трансформација од структурите на моќ, во состојба на збунетост, не знаат во што ќе се претворат, заробени во нешто против својата волја или надвор од нивната контрола. Како (ин)директна последица од социјалната и психолошката состојба, која ја претставува вознемиреноста на поединецот или колективот, но и трансформациите при отпорот или прифаќањето на општествените промени, мутатните ликови егзистираат во просторот со цел да „предупредат“, „потсетат“, но и да „освестат“, се вели во најавата за изложбата.

Преку многубројните метафори и специфични симболики карактеристични за нејзиното творештво, Анкица (ин)директно ги предизвикува посетителите на критичен дискурс, во смисла истите да бидат испровоцирани да размислуваат и да ги преиспитуваат претставените начини за справување со современите општествени кризи и стравови.

Анкица Митровска е родена 1979 во Скопје. Дипломира во 2010 на Универзитетот Алабама во Ханствил во Соединетите американски држави, отсек Применета уметност и историја на уметност.

Од 2011-2014 работи како постдипломски асистент и инструктор, но и како асистент во универзитетската уметничка галерија при Универзитетот Вичита Стејт во Канзас (САД). Во 2014, магистрира сликарство на истиот универзитет. Во 2016, таа се враќа во Скопје и ја основа програмата за престој на меѓународни уметници/писатели „Брашнар Креативен Проект“ во Скопје. Живее и работи помегу Македонија и САД.

Остварила осум самостојни и многубројни групни изложби во земјата и странство меѓу кои во Остен Галери, Скопје; Алфред Галери во Тел Авив, Израел; ЊАХ Центер во Бруклин, Њујорк; Лимнер Галери во Хадсон, Њујорк; Музејот ЦИЦА, Јужна Кореја; Крадок-Терy Галери во Линзбург, Вирџинија; Ulrich Museum of Contemporary Art во Вичита, Канзас; Музејот Хантсвил во Хантсвил, Алабама; итн.

Како наградувана уметница учествува и во уметничките резиденции Арт Фарм во Небраска, Вермонт Студио Центар во Вермонт, Атпост Ресиденција во Мисури, Грин Сити Колектив во Ајова, Joya: arte&ecologia Residency во Шпанија и Cold Bench AIRO во Италија.