Бучавата од сообраќајот предизвикува пречки во учењето песни кај птиците, покажува нова студија  

Со децении се знаее дека испарувањето на дизелот и нафтата се штетни за животната средина и здравјето на луѓето, но во последно време експертите за заштита на животната средина предупредуваат на нов проблем – негативното влијание на загадувањето со бучава во сообраќајот врз птиците.

На бучава од сообраќајот се особено чувствителни младенчињата на песнопојните птици, исто како и човечките новороденчиња, велат орнитолозите, предупредувајќи дека бучавата од автопатите и патиштата преполни со автомобили и камиони негативно влијае на учењето на пеењето на птиците.

Една нова студија на научници од германскиот институт за орнитологија Макс Планк покажа дека постојаната бучава во сообраќајот предизвикува младенчињата на песнопојните птици подоцна да научат да пеат и нивното пеење да е нарушено, а истовремено им ослабува и имунолошкиот систем.

„Нашите откритија покажуваат дека младенчињата на песнопојните птици, исто како и човечките новороденчиња, се особено чувствителни на ефектите од бучавата затоа што им пречи во учењето да пеат во клучна фаза во развојот“, рече Хенрик Брам, шеф на меѓународниот истражувачки проект.

Брам и неговите колеги исто така веруваат дека бучавата во сообраќајот може долгорочно да го смени птичјото пеење, бидејќи грешките што ги прават младенчињата учејќи да пеат додека ги имитираат родители и другите постари птици во бучна средина, веројатно ќе се зголемат.

За целите на истражувањето, чии резултати се објавени во мај, истражувачкиот тим на машките младенчиња на зебраста зеба редовно им пуштал снимки од пеење на возрасни мажјаци, а младенчињата истовремено биле изложени на снимки од бучава од фреквентна улица.

Истражувачите откриле дека младенчињата од гнездата изложени на бучава имаат послаб имунитет и заклучиле дека токму бучавата е извор на хроничен стрес кај младите птици.

Покрај тоа, тие забележале дека младенчињата подоцна пропејуваат од оние кои не биле изложени на бучава и дека точноста со која го имитираат пеењето на возрасните птици била значително полоша во однос на оние чиј развој не бил под влијание на загадувањето од бучава во сообраќајот.