Бројот на население во светот во ноември се очекува да достигне 8 милијарди, ОН предупредува да не се паничи

„Светот не смее да се впушти во паниката за пренаселеност поради тоа што бројката на луѓе што живеат на Земјата набрзо ќе достигне 8 милијарди“ алармираат денеска од Обединетите Нации (ОН), пренесува „Гардијан“.

Се предвидува дека глобалното население ќе ја достигне оваа бројка на 15 ноември, по што некои експерти изразуваат загриженост поради влијанието на растечкиот број на луѓе на светот што веќе се бори со нееднаквост, климатски кризи и раселување и миграции предизвикани од воени конфликти.

И покрај ова, д-р. Наталија Канем, извршниот директор на Фондот за население на ОН ги повика земјите да не паничат и наместо тоа да се фокусираат на помагање на жените, децата и маргинализираните луѓе што се најчувствителни при демографските промени.

„Свесна сум дека моментот кога светот ќе ја достигне оваа бројка нема да биде причина за славење во сите земји. Некои изразуваат загриженост дека светот е пренаселен со многу повеќе луѓе отколку ресурси потребни за нивно одржување. Тука сум за да кажам дека зголемениот број на луѓе не треба да претставува причина за страв“, изјави таа.

Каним при своето обраќање додаде дека ако владите се фокусираат на бројките тие ризикуваат да наметнат контрола врз населението за што историјата ни говори дека е ‘неефикасно, па дури и опасно“.

„Не смееме да ги повториме очигледните прекршувања на човековите права од минатото, не смееме на жената да ѝ ја одземеме можноста сама да одлучува кога сака да остане трудна. Оваа паника за пренаселеност не’ одвлекува од она на што треба да се фокусираме“, апелира Каним.

Како резултат на падот на наталитетот, темпото на раст на светската популација што достигна рекорд со околу 2% во 1960-тите, сега падна под 1%. И покрај тоа, глобалната слика открива дека светот сега е поразновиден од било кога. Проценките на ОН сугерираат дека 60% од луѓето живеат во земји со нивоа на плодност под признаеното ниво на замена на популацијата, односно кога една генерација се заменува со друга.

Од друга страна, само осум земји, меѓу кои и Нигерија, Етиопија и Филипините е предвидено да го сочинуваат половина од светското население до 2050 година. Една од нив, Индија се очекува да ја надмине Кина следната година и со тоа да стане најнаселена земја во светот.