ДЗС: Низ годините се намалува младото женско население

Во однос на старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во периодот од 2007 до 2019 година, учеството на женското младо население на возраст од 0 до 14 години е намалено од 18.2 % на 15.8 %, а учеството на женското старо население на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 12.5 % на 15.8 %. Поголем број жени се забележуваат во старосната група од 65 години и повеќе, покажува извештајот „Жените и мажите во Северна Македонија“ на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население е речиси подеднакво, 49.9 % од населението се жени, a 50.1 % се мажи.

„Податоците покажуваат дека жените живеат 3.9 години подолго од мажите, т.е. 78.3 години, а мажите 74.4 години“, стои во извештајот на ДЗС.

Според вредноста на тоталната стапка на фертилитет (ТФР) во 2019 година, која изнесува 1.34 (живородени деца на една жена), жените во Македонија сè почесто се решаваат да раѓаат само по 1 или 2 деца.

„Според возраста на мајката, во 2019 година, најголемо учество, односно 33.9 %, имаат живородените деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29.2 години, а 27.5 години при првото раѓање. Во 2019 година се регистрирани 16 живородени деца од мајки на возраст под 15 години. Бројот на вонбрачните живородени деца изнесува 2 454 или 12.4 % од вкупниот број живородени деца се вонбрачни. Како резултат на одложувањето на стапувањето во брак во повозрасните години, во 2019 година, просечната возраст при склучувањето прв брак е 26.9 години на невестата и 29.7 години на младоженецот“, се вели во извештајот.

Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умренитe лица во државата. Просечната возраст кај умрените од женски пол изнесува 76.0 години, односно 71.6 години кај лицата од машки пол.

„Салдото на надворешните миграции (разликата меѓу бројот на доселените и бројот на отселените лица) во 2019 година изнесува 2 349 лица, т.е. 1 011 жени и 1 338 мажи“, велат од ДЗС.