По долги години забележан е повторен раст на популациите на волци и кафеави мечки во Европа

Волците, кафеавите мечки и орлите со бели опашки се на врвот на листата диви животни во Европа чија популација се зголемува, покажува голема студија што го истражува процесот на враќање на дивиот свет.

Истражувачите кои работат на студијата анализирале податоци за 50 видови на диви животни чија популација и географска дистрибуција се проширила во изминатите 40 години со цел да се покаже дека правната заштита и обновувањето на живеалиштата може да го поттикнат обновувањето на видовите.

„Големото мнозинство се опоравува благодарение на човечките напори. Како истражувач што работи на полето глобален биодиверзитет и што ги разгледува глобалните трендови, гледањето во последните статистики може да биде навистина депресивно, но оваа последна студија е возбудлива и инспиративна за луѓето како мене, да продолжиме да го работиме она што го работиме“ изјавила за „Гардијан“ Луиза МекРеј, една од авторките на студијата.

Сивиот волк најбрзо се врати меѓу месојадите. Со векови тие биле убивани од страна на луѓето се до 1970-тите кога во јужна и северно-источна Европа останале само неколку популации. Од воведувањето на законска регулатива за нивна заштита и поголема јавна толеранција за живеење покрај нив, популацијата на волци се зголемила за 1.800%. Во моментов постојат 17.000 индивидуални волци што живеат на континентот, а постојат и повици за нивно враќање на територијата на Британија.

Орлите со бела опашка бројат 12.500 парови што живеат во Европа, а забележан е и раст на популациите што живеат за западниот брег на Шкотска и на островот Вајт. Во периодот од 1970 до 2018 година во Европа е забележано зголемување за 445% и тоа во главно поради законската регулатива и забраната за користење на штетни пестициди.

Популацијата на кафеави мечки се има зголемено за 44% од 1960 година до денес. Причината за истото е зајакнување на законските регулативи за нивна заштита, иако прогонувањето на мечките сè уште претставува голем ризик.

„Соживотот со месојадите сè уште е предизвик, но ставовите се менуваат – ние сè уште учиме за начините како да живееме во симбиоза со овие видови животни“, изјавила МекРеј.