Процесот на хибернација на мечките може да е клучен за лечење на дијабетесот кај луѓето, покажува студија

Непосредно пред сезоната на хибернација, кафеавите мечки јадат околу 20.000 калории на ден што ја покачува нивната телесна тежина за 4 килограми дневно. Ова е дел од нивните адаптивни стратегии за да преживеат без храна.

Доколку луѓето го прават истото, може забележително да ја зголемат својата тежина по што најверојатно ќе развијат дијабетес. Сепак, неверојатниот метаболизам на мечките го избегнува тоа и сега научниците се обидуваат да откријат како истото може да се употреби за подобрување на здравјето кај луѓето.

Една од поинтересните работи во врска со хибернацијата е токму тоа што за време период на хибернација мечките стануваат целосно отпорни на инсулин, а во останатиот дел од годината, кога се активни, тие се чувствителни на инсулин.

„Тоа значи дека мечките секоја година имаат реверзибилна отпорност на инсулинот и доколку може да разбереме како функционира овој феномен, може да дојдеме до клучно решение за третирањето на отпорноста на инсулинот и кај луѓето, а на крај и за третирањето на дијабетесот“, изјавила за „Еуроњуз“ професорката Џоана Л. Кели која работи на студија што ги истражува можните начини за лечење на дијабетесот со помош на хибернација.

Група научници и професорката Кели досега успеале да идентификуваат осум клучни протеини што ги имаат мечките и луѓето и што истовремено им помагаат на мечките да го контролираат нивото на инсулин.

„Тие се познати протеини што ги делат луѓето и мечките и поради тоа мислам дека се навистина важни што значи дека е можно да се користат како терапевтски средства“, посочила Кели.

Истражувачите досега ги имаат испитано периодите кога мечките се активни и кога се во хибернација, но студијата не ги опфаќа преодните периоди. Тие се надеваат дека истражувањата во преодните периоди ќе откријат многу детали за тоа како точно функционира метаболизмот на мечките во однос на реверзибилната отпорност на инсулин.