Јапонија со рок музика ќе се брани од напади на мечки

Јапонските власти се надеваат дека рок песна ќе им помогне на жителите од реонот Ивате во одбраната против бројните напади од мечки, пренесува „Гардијан“.

Дали рокенролот може да ги спаси луѓето од напади на мечки? Еден регион во Јапонија се надева дека токму рокенролот е решение против бројните напади од мечки, па градските власти финансирале рок химна која ќе ги предупредува жителите за можни напади од мечки.

Мечките се густо населени во Јапонија, а неретко влегуваат во населените места. Постојат бројни случаи кога мечките го нападнале локалното население и ги убивале жителите.

Поради сè почестите средби помеѓу локалците и мечките, Јапонија воспоставува ново решение – градските власти во Ивате финансираа рок песна која ќе претставува аларм за жителите.

Пејачот на песната, Јузен Тагучи, изјавил дека токму ваквите совети му помогнале нему кога во една прилика тој се сретнал со мечка.

„Многу е страшно кога ова животно едноставно ќе се појави пред тебе. Мојата баба како мал ме советуваше дека доколку сакам да избегам од мечка, не треба да се вртам, туку само да направам чекори наназад. Мене ме учеа на руралното познавање кое природно доаѓа од соживотот со мечки“, изјавил тој.

Само во 2020 година, во Ивате имало над 3300 средби со мечки.

Властите се надеваат дека рок песната која се пушта во локалните трговски центри, ќе ги научи жителите како да се однесуваат доколку забележат мечка.

Авторот на песната Каро Тудо, кој има 61 година, изјавил дека песната најпрво била блуз, но еден од членовите на бендот кој има 50 години искуство, ја направил песната со рокенрол музика и ги додал извикувањата на мечките.

„Според него, мечките се плашливи животни, па доколку ја слушнат песната ќе избегаат. Тоа е моќта на рокенролот“, додал Тудо.