Државно истражување во Унгарија посочува дека тамошното образование е „премногу женско“

Унгарскиот државен завод за ревизија, изрази загриженост дека образовниот систем во земјата е под ризик да биде „премногу женски“, пренесува „Евроњуз“.

Во своја нова студија, институцијата посочува дека унгарското образование може да наметне демографски пречки и да влијае врз развојот на момчињата.

„’Феноменот’ наречен ‘розово образование’ има бројно економски и општествени последици. Доколку образованието дава предност на женствените особини како емоционална и општествена зрелост, [и] затоа предизвикува преголема застапеност на жените на универзитетот, [родовата] еднаквост ќе биде значително ослабена“, се вели во студијата на државната институција.

Државното тело кое е блиско со националистичкиот унгарски премиер Виктор Орбан, исто така предупредува дека мажите кои се повеќе склони да преземаат ризици и да бидат претприемачи нема да можат целосно да го развијат својот потенцијал.

Во студијата на заводот се вели дека сето ова може да доведе до проблеми со менталното здравје и проблеми во однесувањето, кога креативноста и иновативноста на момчињата се „неопходни за оптимален развој на економијата“.

Од унгарскиот државен завод за ревизија посочуваат и дека „розовото образование“ може да предизвика и „демографски проблеми“, бидејќи образованите жени нема да можат да најдат слично образовани мажи, што може да доведе до пад на плодноста.

Студијата, која инаку е објавена минатиот месец, првично била објавена во унгарски весник минатата недела.

Како и во многу европски држави, во унгарскиот образовен сектор доминираат жените, односно тие се застапени 82 отсто.

Студијата наиде на критики од унгарската опозиција, а пратеникот Ендре Тот на „Фејсбук“ објавил дека разговорот за машки и женски квалитети е „комплетна научна глупост“.

Унгарскиот премиер Орбан уште со доаѓањето на власт во 2010 година, ја најавуваше „конзервативната револуција“ во земјата и посочи дека ќе се фокусира кон зголемување на наталитетот. Во своето владеење тој ги отфрли миграционите политики и забрани децата да се изложуват на ЛГБТ+ содржина.

Во 2019, Советот на ЕУ забележа дека во Унгарија е регистрирана регресија на женските права и родовата еднаквост.

Иако пред извесно време во Унгарија на функција стапи претседателката Каталин Новак, министерката за правда Џудит Варга е единствената жена во владата.

Унгарија е претпоследната земја во Европската Унија по број на пратенички, додека последна на листата е Малта.