Бразилски научници развиваат прва вакцина против зависноста од кокаин

Научници од Бразил информираат дека се во развојна фаза на иновативна нова вакцина со која би се третирала зависноста од кокаин и неговиот дериват – крекот.

Наречена „Каликскока“ оваа терапија, која засега покажува ветувачки резултати при тестирањето на животни, активира одговор на имунитетот кој го блокира кокаинот и крекот да стигнат до мозокот. Поедноставно кажано, вакцината би функционирала на тој начин што би спречила зависниците да добијат стимулација од дрогата, пренесува Еуроњуз.

Научниците кои се вклучени во овој проект велат дека вакцината ќе помогне на корисниците да го скршат кругот на зависноста.

Според Фредерико Гарсија, психијатар и координатор на проектот во Федералниот универзитет на Минас Жераис во Бразил, доколку оваа терапија добие одобрување од регулаторите, тоа би значело дека за првпат зависноста од кокаин би се третирала преку вакцина.

Минатата недела овој проект ја доби првата награда и финансирање од 500 илјади евра на Европските награди за здравствени иновации.

„Не постои специфичен регистриран третман за зависноста од кокаин или крек. Во моментов користиме комбинација на психолошко советување, социјална помош и рехабилитација во случајот кога тоа е потребно“, објаснува Гарсија.

Вакцината работи на тој начин што ги поттикнува имуните системи на пациентите да произведат антитела кои се врзуваат со молекулите на кокаинот во крвта, правејќи ги премногу големи за да поминат во мезолимбичниот мозочен систем, односно „центарот за награда“, каде дрогата вообичаено стимулира високи нивоа на допамин, кој предизвикува чувство на задоволство и уживање.

Слични студии биле направени во САД, која е најголемиот светски консумент на кокаин, според Бирото за дрога и криминал на Обединетите нации. Сепак овие проекти пропаднале кога клиничките испитувања не успеале да демонстрираат видливи резултати, објаснува Гарсија.

„Каликскока“ засега се покажала како ефективна во тестирањата на животни, обезбедувајќи високи нивоа на антитела против кокаинот, со мали нус-ефекти.

Научниците досега откриле и дека вакцината ги штити фетусите на лабораториските глувци од кокаинот, што сугерира дека можеби ќе може да се користи кај луѓето за заштита на неродените бебиња на бремени зависници.

Вакцината е направена од хемиски соединенија направени во лабораторија, наместо од биолошки материјали, што според Гарсија би значело дека таа ќе биде поевтина за производство и нема да има потреба да се чува на ладни температури.

Сепак тој предупредува дека тоа нема да биде „панацеа“, односно лек кој ќе се дава на секого. Точната целна група ќе зависи од резултатите од клиничките тестирања, но, Гарсија вели дека во теоријата тоа треба да бидат „зависници кои престанале да употребуваат кокаин и сакаат да така и да остане“.

Според Американскиот институт за злоупотреба на дроги, еден од четири редовни корисници на кокаин станува зависен, и само еден од четирите зависници успева да престане со употребата на дрогата по пет години терапија.

Вакцината сега треба да стапи во последната фаза на испитувања – тестирање врз луѓе. Досега повеќе од 3.000 луѓе волонтерски се пријавиле да учествуваат во клиничките испитувања.