Вештачка интелигенција ги дешифрираше структурите на повеќе од 200 милиони протеини

Компанијата „DeepMind“ преку вештачка интелигенција успеа да ја дешифрира структурата на речиси секој протеин што ѝ е досега познат на науката.

Ова значи дека науката оди голем чекор понапред, со што се отвораат можности за создавање нови медицински лекови и технологии што може да лечат одредени болести и да овозможат полесен начин за справување со гладот или загадувањето.

Протеините се всушност основните градежни блокови на животот. Тие се формираат од аминокиселини кои потоа се поврзуваат создавајќи специфични тродимензионални форми од кои зависи функцијата на самиот протеин. Кога се знае како се создава протеинот, може да се разбере и на кој начин истиот функционира и како се менува. Иако ДНК (каде е сместен наследниот генетски материјал што се користи за синтеза на протеините) покажува инструкции за тоа како се прави ланец од амино киселини, тешко е да се предвиди начинот како амино киселините реагираат меѓу себе за да создадат 3Д форма.

Сето тоа беше познато како сложен процес, но до скоро, кога група научници од компјутерската компанија „DeepMind“ ја развија програмата „AlphaFold“ која преку алгоритам може да ги препознае и предвиди структурите на секој протеин.

Оттогаш преку истиот алгоритам, кон програмата се внесуваат информациите што се впишани во генетските кодови на секој организам којшто има секвенциониран геном (збир од сите генетски информации). Со овие податоци програмата сама успева да ги предвиди структурите на секој од стотиците милиони протони што тие колективно ги содржат.

Минатата година компанијата ги објави протеинските структури на сите 20 видови протеини, односно 20.000 протеини изразени од луѓето, а сега ги објави структурите на повеќе од 200 милиони протеини.

„Всушност, ова може да се смета како откривање на целиот протеински универзум. Тоа вклучува веќе предвидени структури за растенија, бактерии, животни и многу други организми што отвора нови можности „AlphaFold“ да има влијание врз наоѓање решенија на важни проблеми како одржливост, несигурна храна и запоставени болести“, изјавил за „Гардијан“, основачот на компанијата „DeepMind“ Демис Хасабис.

Тимот научници веќе искористил некои од податоците предвидени преку алгоритамот на програмата за да развијат нови лекови. Во мај, тим истражувачи објавија дека го користеле моделот на „AlphaFold“ за да им помогне да го одредат клучниот протеин на паразитот маларија и на тој начин да откријат кои анти-тела може да го блокираат преносот на паразитот.

„Увидот на „AplhaFold“ сега ќе користи за креирање подобри вакцини што ќе креираат моќни анти-тела за блокирање на преносот на болестите“, изјавил професорот Метју Хигинс од Универзитетот Оксфорд.