Блокади во недела во Хром поради изградбата на висококатници во населбата

Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров во недела (6 јуни) напладне најави блокада и протест поради изградбата на висококатници во населбата Хром. Блокадата се организира на главната улица веднаш по кружниот тек кај „СП Планет“, а како што велат од иницијативата, доаѓа по неуспешните средби со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

„Урбаната мафија е толку силно вмрежана и вгнездена во институциите и тие што ги водат, за да секое барање заврши во лавиринт и топката се префрлува од едно на друго место без конечен епилог. Хром се претвори во непрепознатлива населба, слична на Дебар Маало. Се создаде огромен “кинески ѕид” од згради долж главната улица, чии инвеститори се однесуваат дрско и насилно. Општината, инспекторите не реагираат. Планот дозволува изградба на згради на секое ќоше и е пуштен во најсилен интензитет за изградба. Немаме друга опција и ве повикуваме на блоксда на главната улица веднаш по кружниот тек кај СП Планет, за да се спротиставиме на урбаното дивеење“, соопштија од иницијативата.

Оттаму бараат средба со министерот Бочварски на самата блокадата во недела напладне.