Битолските студенти размислуваат за окупација, средба во среда на Биотехничкиот факултет

Со цел да се види какво е расположението на студентите во Битола за идејата да се блокира некој од факултетите, Студентски пленум – УКЛО преку Фејсбук ги повика студентите во борбата за квалитетно и еманципаторно/автономно образование. Средбата ќе се одржи во среда на Факултетот за биотехнички науки, со почеток од 17 часот и на неа ќе се дискутира за идните активности на студентите.

„Согласно сите случувања околу државниот испит и искуствата со оваа игнорантска Влада, која што практикува самоволие, сметаме дека треба да ја вратиме автономијата на универзитетите и да станат повторно слободни зони, каде што ќе учиме, ќе се надградуваме и ќе ја практикуваме слободната мисла и критичкото размислување, пишува во описот на настанот.

Активистот од Студентски пленум – УКЛО, Драган Милевски за Радио МОФ вели дека средбата треба да го провери пулсот на студентите за тоа колку тие се спремни за блокада преку разговор со работната група на Пленумот и согледување на  искуствата во соседните земји и пошироко.

На настанот исто така стоеше „пуштен е спин, дека барањата на студентите се исполнети. Тоа е лага!“. За ова Милевски рече дека медиумите погрешно ја доловиле средбата во петокот помеѓу претставници од Студентски и Професорски пленум со делегација од УКИМ предводена од ректорот Велимир Стојковски.

Тој го потврди она што и Студентски пленум го напиша на својот Твитер профил дека ништо не е договорено, туку премиерот излегол со понуда за кој понатаму студентите заедно ќе решат дали ќе ја прифатат.

Нивните колеги во Скопје пак, со кои се во иста координативна линија, во среда го организираат седмиот Пленум преку кој најавија освојување на универзитетот на пладне.

„Ветувања чувме, но немаме намера да седиме дома и да се надеваме дека кармата ќе го стори останатото. До овде стигнавме, затоа што сложни, гласно на сите начини се спротивставуваме на наметнатите реформи во високото образование. Ајде да го освоиме назад универзитетот, време е да креираме автономна зона!“, велат од Студентски пленум во Скопје.

Идејата за вонинституционални форми на дејствување беше дискутирана минатата недела на последниот Генерален пленум  во Скопје на кој студентите не ја отфрлија можноста да делуваат на повеќе начини, било преку дијалог или окупација.

Студентите во Битола досега реализираа два успешни студентски марша во знак на протест поради најавите за воведување на државен испит на универзитетите. Во Скопје пак, студентите двапати организираа марш  каде на вториот излегоа околу 9000 луѓе да маршираат против државниот испит. Тие реализираа и протест пред Влада каде го фрлија Уставот на РМ за да го прочита и воедно порачаа дека не се откажуваат од нивната цел, а тоа е целосно укинување на државниот испит.