СП: Студентски пленум вонредно повикан во кабинетот на премиерот

Студентски пленум на својот официјален Твитер профил објави дека „вонредно“ е повикан во кабинетот на премиерот Никола Груевски за како што велат, да дискутираат за нов Закон за високо образование во 12:30 часот.

„Студентскиот пленум е “ВОНРЕДНО” повикан во кабинетот на премиерот Груевски да дискутира за нов ЗВО, во 12:30. STAY TUNED!“, гласи твитот на Студентски пленум.

Непосредно по објавата, Студентски пленум соопшти преку својата Фејсбук страница дека во моментов присуствува на денешната, ненадејно свикана средба во Владата на РМ со премиерот Груевски, како дел од работната група на УКИМ, заедно со претставниците на Професорскиот пленум.

Пред неколку дена, Министерството за образование и наука предложи и УКИМ се согласи на 10 февруари да се одржи средба на која ќе се разговара за нов закон за високо образование. Претходно, универзитетскиот сенат на УКИМ во Скопје му предложи на МОН во најкус можен рок да иницира сеопфатна расправа од која би произлегле измени на тековниот или предлог за нов закон за високо образование, а МОН одговори дека предлогот е конструктивен и е во насока на унапредување на високото образование во земјата.

Од Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, по потпишувањето на указот за новиот Закон за високо образование, исто така соопштија дека Иванов добил цврсто уверување од предлагачот на законите дека во наредниот период ќе биде организирана „сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од сферата на високото образование со релевантните субјекти од оваа област, претставници на студентите и меѓународни експерти за високо образование“. „Од сите овие активности и инклузивен дијалог ќе произлезе целосно нов закон за високо образование“, соопштија од неговиот кабинет.