Студентите и го фрлија Уставот на Владата за да го прочита

Илјадници студенти по трет пат излегоа на студентски протест против воведувањето на државниот испит. Студентите пред Владата извадија копии од Уставот на Република Македонија и порачаа дека е време таа конечно да го прочита.

Според студентката Марија Грубор највисокиот државен правен акт е третиран како ѓубре, па затоа таа од говорницата ги повика студентите да ги фрлат копиите од Уставот како новогодишен подарок на Владата.

„Ги отфрламе вашите реформи и ќе ви кажеме што точно не е во ред со вашите трули институции. Како диктатори ни ја одземаат автономијата и како ѕверови ни ја глодаат критичката мисла, како бесрамни манипулатори не заокружуваат и не вмешуваат во своите гадни политички сплетки и потоа како бесрамни виновници фатени во сопствената замка, ни затвараат врата пред нос кога ги повикуваме на разговор и соочување. Затоа што не се навикнати да се соочат со независни студенти кои мислат со својата глава и имаат силни аргументи, кои се храбри и освестени“, рече Грубор.

Студентите и го фрлија Уставот на Владата за да го прочита

Студентите најавија дека во понеделник повторно ќе излезат на протест пред Собранието и нема да дозволат да биде изгласан предлогот за воведување државен испит во високото образование.

Еден од студентите прочита говор прeземен од филмот „V for Vendetta“ кој беше прилагоден за денешниот студентски протест. „Ако го гледате тоа што јас го гледам, ако се чувствувате како што се чувствувам јас, и ако барате решение како што барам јас, тогаш ве повикувам да застанете со мене, три дена од сега, пред вратите на парламентот, и заедно ќе им дадеме причина НИКОГАШ ДА НЕ ЈА ЗАБОРАВАТ 2014 ГОДИНА!“, рече студентот.

Студентите и го фрлија Уставот на Владата за да го прочита

На бината пред Влада зборуваа студенти и професори, а настапи и музичката група „Визија“ и раперот „Да Џака Накот“, кој ги повика присутните да им покажат среден прст на провладините медиуми кои ги заокружуваат студентите со црвени кругови.

Студентите и го фрлија Уставот на Владата за да го прочита

Студентите порачаа дека тие нема да бидат скршени. „Не учеа дека иднината на нас останува, за сега да не третираат како бандити. Затоа сега ја земаме иднината во свои раце. Нашата задача како млади интелектуалци е да учествуваме во одлуките кои ги засегаат нашите животи и токму тоа ќе го направиме“, истакнаа од Пленумот.

Студентите и го фрлија Уставот на Владата за да го прочита

Во име на ноформираниот Професорски пленум, свое обраќање пред присутните имаше и Артан Садику, кој истакна дека професорите и граѓаните се солидаризираат со студентите.

„Студентите досега учеа од професорите, но сега професорите учат од студентите. Затоа ова нема да им поминe, рече Садику.

„Ова е почеток“, „Екстерно за Владата“,„Нема правда, нема мир“,  „Студенти, студенти, независни и силни“ беа само дел од паролите кои можеа да се слушнат на денешниот протест.  Студентите го прогласија денешниот протест за успешен, како и претходните два марша кои собраа повеќе од десетина илјади студенти.

Пред да започне студентскиот протест, собраниската комисија за образование го изгласа Предлог-законот за високо образование, со што предлогот за воведување на државен испит во понеделник ќе се најде на собраниска седница.

Измените предвидуваат воведување на државен испит за студентите во втора и четврта година, како и за оние кои се на магистерски студии. Помеѓу останатото се наведува и дека странските дипломи не може да бидат нострифицирани ако кандидатот нема положено државен испит, а се пропишуваат и низа казни како од 1 до 3 години затвор за ректорот/деканот што ќе издадат диплома на студент кој не полагал државен испит.

Повеќе информации за хронологијата на протестот може да се погледнат на нашиот Блог во живо.

К.О.