„БИЛКА“ организира Македонски канабис форум – бара законски измени за легализација на канабис

Под слоганот #ЛегализацијаСега, Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ на 30-31 октомври го организира првиот Македонски канабис форум, кој поради состојбата со Ковид пандемијата ќе биде во онлајн формат.

„Форумот ќе се состои од прес конференција на која ‘БИЛКА’ ќе ги презентира своите барања пред јавноста во насока на подобрување на законските регулативи за медицински канабис и во насока на легализација на канабис“, соопштуваат од „БИЛКА“.

Дополнително, најавени се и панели каде ќе биде дистурирани медицински, бизнис аспекти и човекови права.

Како прво, „БИЛКА“ бара декриминализација на канабис преку измени во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци и Кривичниот Законик со законско детерминирање на количина за лична употреба од педесет грама. Потоа, бришење на кривична евиденција на уживатели на канабис судени за „намера за продажбa“.

„Легализација на канабис како нормален тек по декриминализација. Дозволено одгледување на до десет стебла за медицински цели од лица кои имаат дијагнози кај кои канабисот може да помогне и три растенија за рекреативни цели. Задолжителна регистрација при државно тело“, соопштува Здружението.

Понатаму, итна измена на Правилникот на Министерство за здравство со проширување на листата на области каде може да се препише канабис, која заглави на четири (канцер, мултиплекс склероза, епилепсија и ХИВ)

„Измена на истиот Правилник во насока на дозвола на препишување канабис и од страна на приватни лекари. За нас е нејасно како хирург во приватна болница може да оперира отворено срце а не може да препише канабис“, велат од БИЛКА.

Бараат и воведување на услов за секе правно лице да добие лиценца да мора 10% од производите да ги пласира на македонскиот пазар. Иако максимално го подржуваат развојот на бизнис секторот, сметаат дека е недопустливо како држава да овозможуваме ваков бизнис, а целосниот пласман да оди надвор.

„Која е тогаш поентата и што фајде имаат граѓаните од легализацијата во медицински цели? Ова оригинална идеа на ‘БИЛКА’ која датира од самото основање во 2017та“, велат тие.

Исто така, бараат носење на Закон за канабис како lex specialis со кој ќе се инкорпорираат бројните области кои го тангитраат канабисот, пациентите и уживателите. И за ова велат дека е оригинална идеа на „БИЛКА“.

„Основање на посебна Агенција за канабис или засебно одделение при МАЛМЕД. Оригинална идеа на ‘БИЛКА’ од самото основање. Основање на Институт за канабис при Земјоделскиот факултет на УКИМ, преку измени во Законот за високо образование. Оригинална идеа на ‘БИЛКА’ и пар професори од Земјоделски факултет“, соопштуваат од Здружението.

Инаку, периодов повеќе здружени организации преку иницијативата „Операција Ослободување“ излегоа со свои барања за канабисот, а од Владата вчера рекоа дека се отворени во секој момент да разговараат за суштински за решение за декриминализација и депенализација, преку измени во кривичниот законик и законот за прекршоци.