Бесплатен онлајн курс по проектен менаџмент за студенти од „БЕСТ – Скопје“

Невладината студентска организација „БЕСТ – Скопје“, за прв пат го организира онлајн настанот„ Денови на проектен менаџмент“, кој ќе се одржи од 5 јули до 9 јули, годинава.

Бесплатниот курс е наменет за студентите и нивно понатамошно кариерно надградување, а курсот преку стручни предавања и сесии за меки вештини, ќе ги запознае студентите со основите на проектниот менаџмент.

Првото издание на курсот ќе се одржи целосно онлајн, преку платформата „Зум“. Апликациите се отворени за секој студент кој е заинтересиран за проектниот менаџмент и сака за првпат да се запознае со програмата.

„Пријавете се сами или со пријател и бидете дел од интерактивни предавања одржани од професори од два факултети и стручни лица од македонскиот институт за проектен менаџмент. Покрај стручните предавања, ќе имате можност да бидете дел од сесии за меки вештини кои целат да помогнат во развојот на вашата кариера, без разлика на индустријата во која специјализирате“, истакнуваат од „БЕСТ – Скопје“.

На курсот свои предавања ќе имаат професорите д-р Радмил Поленаковиќ од Машински Факултет, д-р Атанас Кочов од Машински Факултет, д-р Валентина Жилеска – Панчовска од Градежен Факулет, како и претставници од „ПМИ Македонија“ – Институт за проектен менаџмент.

„По овој 5 дневен курс ќе добиете сертификат кој го потврдува вашето знаење за проектниот менаџмент. Со овој сертификат како дел од вашето CV, идните работодавци ќе знаат дека вие сте личност која има желба да се надоградува. Со цел да се обрне целосно внимание на секој студент на курсот, бројот на учесници е ограничен“, велат од „БЕСТ – Скопје“.

За учество на курсот потребно е да ја пополните онлајн апликацијата пред истекување на рокот до 23 јуни.