Владите на С. Македонија и Бугарија секоја година ќе финансираат до четири стипендии кои ќе покриваат целосни дипломски или магистерски студии, а предвидено е да бидат обезбедени и пет стипендии за еден семестар, за кои ќе можат да се пријават сите студенти, освен студентите по медицински науки и оние од уметноста и спортот, пренесува „Радио Слободна Европа“.
Стипендиите се предвидени во билатералната програма за соработка во образованието, што ја потпишаа министерот за образование Јетон Шаќири и бугарскиот министер Николај Денков.
Во меѓувреме, се очекува и средба со ректорите на универзитетите на која ќе се разговара за можностите за заеднички истражувачки проекти и вмрежување во двете земји. Исто така, ќе се поттикнува и образовната мобилност на студенти, наставници и истражувачи, како и научно-техничка помеѓу Македонската академија на науките и Бугарската академија на науките.
Програмата пак, предвидува и Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да даде препораки за правилна презентација на наставните материјали во учебниците во Македонија и Бугарија.
Министерот Јетон Шаќири верува дека документот ќе ги зајакне пријателските односи и довербата помеѓу двете соседни земји и дека целосно ќе се спроведе до крајот на 2025 година.
„Посакувам во иднина овие области, заедно со економијата да останат приоритетен фокус на двете земји и заедничките активности да бидат насочени во тој правец, затоа што тоа е она што ги интересира граѓаните – поквалитетно образование и можности за надградба на личниот потенцијал, подобри можности за работа и повисоки плати. Да ги затвориме оние поглавја од билатералните односи кои создаваат разни форми на тензичност и едноставно го поткопуваат добрососедството“, потенцираше Шаќири.