Берни Сандерс официјално ја поддржа Хилари Клинтон за претседател на САД

Сенаторот Берни Сандерс официјално го поддржа кандидатот за претседател од Демократската партија Хилари Клинтон.

„Државниот секретар Клинтон победи на номинациите во Демократската партија и јас и честитам за тоа”, рече Сандерс. „Таа ќе биде кандидат на Демократите за претседател и јас имам намера да направам сè што можам за да се осигурам дека таа ќе биде следниот претседател на САД.”

Сандерс се заблагодари на оние кои гласале за него во текот на партиските избори, особено жителите на Њу Хемпшир – каде што тој ја доби својата првична победа и неговата матична држава Вермонт.

Тој, исто така, предупреди против најверојатниот републикански кандидат за претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека бизнис магнатот ќе биде лош за работничките фамилии, нарекувајќи ги економските политики на Трамп „несовесни”.

Сандерс, исто така, остро ги критикуваше анти-мексиканските и антимуслиманските коментари на Трамп, тврдејќи дека Републиканската партија се надева дека ќе ги подели Американците.

„Во овие стресни времиња за нашата земја, овие избори мора да бидат за здружување на нашите луѓе, не за да не поделат”, изјави Сандерс.

„Додека Доналд Трамп е зафатен навредувајќи ги Мексиканците, муслиманите, жените, Афроамериканците и ветераните, Хилари Клинтон разбира дека нашата различност е една од нашите најголеми предности. Да. Ние стануваме посилни кога црни и бели, латиноамериканци, азијци, староседелци, сите ние, ќе застанеме заедно. Да. Ние стануваме посилни кога мажи и жени, млади и стари, геј и стрејт, државјани и имигранти се борат за да ја ослободат земјата од сите форми на нетолеранција. ”

Клинтон веќе има обезбедено мнозинство делегати, со што нејзината номинација е официјална.

Самопрогласениот демократски социјалист Сандерс, првично не беше гледан како закана за патот на Клинтон во Белата куќа. Но, прогресивната порака на сенаторот, фокусирана на исправање на грешките на економската нееднаквост, допре до многу гласачи.

По победата во Њу Хемпшир, еден месец подоцна, победи во Мичиген, и покрај тоа што анкетите покажуваа огромна предноста за Клинтон. Неговите критики за трговската политика на САД и неговата кампања против сегашните закони за поседување оружје, го освоија остатокот од среднозападните американски држави.

Клинтон, пак, победи во Флорида, Илиноис, Мисури, Северна Каролина и Охајо. И како што таа продолжи да доминира во големите држави, Сандерс се бореше да остане во чекор со бројот на освоени делегати.

Сандерс ја објави неговата претседателска кандидатура во април 2015 година.