Берлинската јавна транспортна компанија (БВГ) смисли начин за патниците од германскиот главен град да се релаксираат од стресот од коронавирусот и божиќните празници. Тие им нудат на клиентите шанса да купат дневни билети во кои има масло од коноп, кои би имале „смирувачки ефект“ кога ќе се јадат, јавува „Дојче Веле“.
Билетите кои чинат по 8.8 евра се направени од хартија за јадење и се попрскани со „не повеќе од три капки“ масло од коноп.
Од компанијата велат дека маслото е добиено од семето на растението канабис, а за разлика од цветовите, ова не содржи ниту една од опојните супстанци како што е ТХЦ.
„На овој начин можете да патувате без проблеми низ Берлин цел ден, а потоа едноставно да го голтнете божиќниот стрес заедно со билетот“, велат од компанијата.
Исто така од компанијата велат дека промоцијата не е прашање на тоа да заземе јавен став во дебатата за легализација на канабисот. Новата коалициска влада на Германија пак се согласи да ја легализира рекреативната употреба на канабисот.
„Ние сме против секаков вид на употреба на дрога, без разлика дали е нелегална или легална“, велат од компанијата, но сепак додаваат дека „ се за поотворен пристап кон целосно безопасни материи“.