Бенкси со нов цртеж во поддршка на протестите за расните неправди низ САД

Уличниот уметник Бенкси го покажа своето ново дело посветено на протестите во Соединетите Американски Држави поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд при полициско апсење.

На цртежот е прикажана фотографија на темна силуета, околу која се запалени свеќи и расфрлани цвеќиња. Во позадината е закачено и американското знаме, кое е нацртано во момент кога почнува да гори од пламенот на свеќата.

„На почетокот мислев дека треба да замолчам и да ги слушам црнците кои зборуваат за ова прашање. Но, зошто би го сторил тоа? Тоа не е нивен проблем, туку мој. Луѓето со друга боја на кожата се напуштени од системот. Системот на белците. Како расипана цевка која го поплавува станот на луѓето кои живеат на долниот кат. Овој фаличен систем ги прави нивните животи мизерија, но не е нивна задача да го поправат. Тие не можат – никој не ги пушта во станот над нив. Ова е проблем на белците. И ако белците не го поправат, некој ќе мора да се качи на горниот кат и насилно да ја пробие вратата“, напиша Бенкси.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Banksy (@banksy) on

Протестите во САД започнаа по убиството на Џорџ Флојд, при полициско приведување во Минеаполис. Во видеото кое го обиколи светот, полициски службеник со колено го притиска вратот на Флојд додека Афроамериканецот гласно зборува дека не може да дише.

Синоќа во САД се одржаа најмасовните протести од смртта на Флојд, а големи собири против расните неправди и полициската бруталност се одржаа и во Европа, Азија и Австралија.

[Галерија] Мурали со поддршка за Џорџ Флојд се појавуваат насекаде низ светот