Илјадници граѓани на најголемите протести во САД по смртта на Џорџ Флојд

Десетици илјади граѓани синоќа излегоа на улиците и парковите низ американските градови во најновиот бран протести против расизмот и полициската бруталност по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во полициски притвор минатиот месец.

Демонстрантите го искажаа својот револт низ целата држава во прилично мирни собири. Повеќето градови ги повлекоа полициските часови воспоставени поради почетните случаи на кражби, напади и вандализам на продавници.

Најголемиот протест се случи во Вашингот, каде граѓаните масовно излегоа на улиците кои беа блокирани за сообраќај. Воениот секретар, Рајан Мек Карти изјави дека локалните безбедносни сили очекувале меѓу 100 и 200 илјади демонстранти во главниот град. Во меѓувреме Белата куќа беше дополнително обезбедена со нова ограда, додека претседателот Доналд Трамп се наоѓал внатре, без закажани настани.

Граѓаните со аплауз ја поздравија градоначалничката на Вашингтон, Муриел Боусер, која чекореше по дел од 16-тата улица која претходниот ден ја преименува во „Black Lives Matter“.

Големи протести се одржаа и во други градови. Мирни маршеви поминуваа под Голден Гејт мостот во Сан Франциско, Мостот Бруклин во Њујорк, булеварот на Холивуд, како и по улиците во Чикаго, Филаделфија и Нешвил.

Во Сиетл полицијата употребила „бибер-спреј“ и заслепувачки гранати за да ги растури демонстрантите кои употребувале камења, шишиња и „импровизирани експлозиви“ во кои биле повредени неколку полицајци.

Паралелно со протестите во САД, големи собири се одржаа и во Европа, Азија и Австралија, каде илјадници луѓе искажаа солидарност и револт поради расните неправди.

Од протестот во Лондон / ФОТО: АП

Мирни демонстрации се одржаа во Сиднеј, Сеул, Токио, Лондон, Париз и Берлин, додека во францускиот главен град граѓаните излегоа на улиците и покрај забраната за собири поради пандемијата со Ковид-19.

Во Берлин, полицијата проценила дека 15 илјади граѓани се собрале во центарот на протестот „Black Lives Matter“ со слогани како „Нема правда – нема мир“.