Белорусија ја обвинува Марија Колесникова за загрозување на националната безбедност

Членката на Координативниот совет на белоруската опозиција, Марија Колесникова е обвинета дека јавно повикала на преземање на власта, објави истражниот комитет на земјата, пренесува српски „Н1“.

„Денес, истражителите поднесоа обвинение против Марија Колесникова според членот од законикот кој се однесува на повици за дејствија насочени кон загрозување на националната безбедност во Белорусија, испратени преку медиумите и Интернетот. Таа останува во притвор, истрагата продолжува“, се вели во соопштението.

Овој член предвидува казна затвор од две до пет години.

Колесникова беше приведена на 8 септември, според белорускиот државен граничен комитет. Таа беше лишена од слобода при обид за илегално преминување на границата со Украина. Во истата прилика приведени се уште еден член на претседателството на Координативниот совет и адвокат од советот.

Белорусија ја зафатија протести ширум целата земја по претседателските избори одржани на 9 август.