Барселона планира да ги затвори сите приватни апартмани што се издаваат на туристи со цел да ги намали цените за кирија

Барселона објави дека до 2028 година ќе го забрани издавањето станови на туристи, со што сака да го спречи растот на трошоците за домување и да им овозможи на граѓаните да живеат во свој град, пишува „Гардијан.“

Левичарскиот градоначалник на градот, Жауме Колбони, рече дека до ноември 2028 година, Барселона ќе ги одземе лиценците на 10.101 станови кои моментално се лиценцирани за краткорочно изнајмување.

„Се справуваме со она што го сметаме за најголем проблем на Барселона. Краткорочниот бум на изнајмување во Барселона, најпосетуваниот град во Шпанија, остави некои граѓани да не можат да си дозволат кирија откако кириите се зголемија за 68 отсто, а цените на недвижниот имот за 38 отсто во изминатите 10 години. Пристапот до домување стана двигател на нееднаквоста, особено за младите луѓе“, рече Колбони на настанот на градската влада.

Во последните десет години, локалните власти воведоа ограничувања за краткорочно изнајмување на Канарските Острови, Лисабон и Берлин.

Социјалистичката министерка за домување на Шпанија, Изабел Родригез, рече дека ја поддржува одлуката.

„Станува збор за правење сè што е потребно за да се гарантира пристап до прифатливи станови“, објави таа на Икс.

Во последниве години во Барселона не беше дозволена регистрација на нови туристички апартмани. Од 2016 година локалната власт нареди затворање на 9.700 диви туристички станови и речиси 3.500 станови повторно ги користат граѓаните за домување.