Автобуска линија во Барселона избришана од „Гугл мапс“ за да се одвратат гужвите од туристи

Со години, жители на населбата Ла Салут во Барселона мораа да делат автобуска линија со толпа туристи. Линијата 116 застанува во паркот Гуел, втората најпопуларна туристичка атракција во градот, пренесува Евроњуз.

Во другите популарни туристички места низ Европа, локалците се обидуваат да се борат против пренатрупаноста со протести или пак со стикери на кои пишува „туристи, одете си дома“.

Но, градскиот совет на Барселона употреби нова тактика за да ги одврати туристите од автобуската линија, со тоа што таа беше избришана од мапите на Гугл и Епл.

Иако не е официјално потврдено, се чини дека градскиот совет на Барселона е одговорен за отстранувањето на автобуската линија од мапите. Заменик-градоначалникот за безбедност и соживот во градскиот совет истакна дека „требаше да ги елиминираме референците за линијата 116 на интернет“.

Тој одби да признае или да негира дека советот стои зад овој потег, но портпаролот на Гугл рече дека автобуски линии може да се избришат само по барање од Советот.