Бангладеш ќе засади еден милион палми што ќе штитат од громови

Над 200 луѓе починале во Бангладеш лани поради грмотевици, покажуваат официјалните статистики. Со цел да се намали бројот на жртви при електричните празнења, владата на Бангладеш најави дека ќе се засадат еден милион палми, кои ќе ги апсорбираат молњите, а со тоа ќе се спасат животи.

Само лани, оваа бројка најверојатно изнесува 349 луѓе, според независна мониторинг служба. Овој број е многу поголем од официјалниот, бидејќи луѓето во рурални средини понекогаш не пријавуваат во полиција кога некој ќе почине. 82 луѓе починале од овој феномен во само еден ден, во мај, а владата го прогласи тоа како природна катастрофа.

„Ние веќе започнавме со садење на палми во руралните средини со цел да го намалиме бројот на смртни случаи предизвикани од громови. Ние ќе засадеме еден милион палми до јуни годинава“, изјави Шах Камал, секретар на отсекот за природни катастрофи при владата.

Слична програма покажа позитивни резултати во Тајланд. Иако молњите може да им наштетат на дрвјата, нивното присуство ќе го спречи електричното празнење да стигне до земјата.

Сепак, уништувањето на шумите одиграло улога во големиот број на смртни случаи. Експертите велат дека не би починале толку луѓе ако имало доволно дрвја, чии гранки би ги апсорбирале молњите. Властите велат дека недостигот од дрвја настанал со постојаната сеча од страна на населението, кои ги сечат дрвјата за да култивираат ориз и житни растенија.