Бангладеш го истражува пожарот кој се случи во најголемиот бегалски камп на светот

Властите во Бангладеш ги истражуваат причините за големиот пожар во бегалскиот камп на Рохинџите кој остави 12.000 луѓе без засолниште.

Засега не се пријавени жртви во огнот кој многу брзо се проширил преку плинските боци во кујните и зафатил 2.000 бараки во кои живееле луѓето, велат надлежните.

Полицијата истражува дали пожарот бил акт на саботажа. Локалните медиуми известија дека едно лице било приведено поради случајот.

Кампот кој се наоѓа на југоистокот на Бангладеш се смета дека е најголемиот бегалски камп во светот. Таму престојуваат повеќе од милион луѓе, од кои најголемиот дел се Рохинџи кои избегале од прогон од соседниот Мјанмар.

„Изгореа околу 2.000 бараки, што остави без дом околу 12.000 принудно раселени државјани на Мјанмар“, изјавил комесарот за бегалци на Бангладеш, Мијанур Рахман за АФП агенција.

Рахман додал дека пожарот бил ставен под контрола за три часа, но дополнително, уште 35 џамии и 21 образовни центри за бегалците исто така се уништени.

Медиумите почнаа да објавуваат фотографии кои покажуваат колку е голема штетата од пожарот. На нив може да се видат луѓе кои прават проверки на опожарените објекти каде останала само металната конструкција.

Од организациите за помош на бегалците велат дека ќе биде тешко да се релоцираат околу 12 илјади луѓе кои биле погодени од пожарот, со оглед на тоа што кампот и сега е пренаселен. Истовремено ќе биде предизвик да се обезбедат основните услуги за луѓето во другите делови од кампот, бидејќи многу од инфраструктурата, како што се здравствени клиники и училишта, се уништени.

„Ова во суштина е акутен инцидент во веќе хронично ранливa и несигурна популација“, објаснува за Би-Би-Си Хардин Ланг, од организацијата „Refugees International“.

Камповите кои се пренаселени веќе подолг период имаат инциденти со пожари. Помеѓу јануари 2021 и декември 2022 регистрирани биле 222 пожари во камповите на Рохинџите, а 60 од овие пожари биле подметнати, покажува извештај на Министерството за одбрана на Бангладеш.

Во март 2021 година најмалку 15 луѓе загинаа, а околу 50.000 беа префрлени на други локации откако изби голем пожар низ кампот.

Бегалскиот камп ги сместува луѓето кои побегнале од Мјанмар по бруталниот воен прогон против етнички-малцинските Рохинџи. Оваа етничка група се муслимани по религиозност во доминантно будистичкиот Мјанмар, што е една од главните причини зошто се под напади со генерации.

Последниот егзодус на Рохинџите започна во август 2017 година, откако војската на Мјанмар брутално одговори по напад на неколку поцициски станици од бунтовнички групи Рохинџи.