Австралијански градоначалник најави тужба против ChatGPT поради клевета

Регионален австралијански градоначалник најави тужба за чет ботот ChatGPT и компанијата „ОпенАИ“ откако во генериран одговор на чет-ботот тој бил обвинет за финансиска проневера, по што наводно бил во  затвор неколку години, јавува „Гардијан“.

Брајан Худ изјавил дека ќе тужи поради клевета, а тужбата би била прва тужба против вештачка интелигенција.

Худ, кој е градоначалник на општината Хепбурн Шајр, северозападно од Мелбурн се загрижил за својата репутација откако во јавноста се раширила информација дека чет-ботот лажно го обвинил за финансиска проневера.

Худ работел во компанија која е вмешана во скандалот кој навистина се случил, но според медиумите, тој ги известил службите дека се случила проневера, со што го разоткрил делото и не бил обвинет.

Адвокатите на Худ испратиле писмо до „ОпенАИ“ со кое ѝ дале рок од 28 дена на компанијата да ги поправи грешките пред да се поднесе тужбата.

Доколку градоначалникот ја поднесе тужбата ќе биде прв пат човек да ја тужи „ОпенАИ“ за клевети направени од чет-бот.