Атанасов за инцидентот за Трнодол: Шамарите во Центар се заменија со бокс во Карпош

„Шамарите во Центар се заменија со бокс во Карпош“.

Вака граѓанинот и активист од Трнодол, Кире Атанасов, за Радио МОФ го објаснува вчерашниот инцидент и случувањата во општина Карпош, каде тврди дека без причина бил физички нападнат.

Атанасов вели дека на расправата бил во присутво како граѓанин засегнат од ДУП-от.

„Вчера на јавната презентација за ДУП-от на Трнодол без повод и причина бев физички нападнат од лицето Саше Спасовски, за негови блиски познат по прекарите Саше Амстердам и Буљаш. За последиците од нападот, поседувам лекарска документација, сведоци и Полициски записник од П.С Карпош. Ме нападна бидејќи побарав да се искажам, и побарав да ни отстапат место лицата кои не се дирекно засегнати од новиот ДУП“, вели граѓанинот од Трнодол, потенцирајќи дека бил удрен директно во лицето, во јаболчницата под окото.

Од негова страна, тврди Атанасов, немало никаква реакција, а од општината никој не е повреден и нападнат освен тој.

„Не очекувавме дека со насилници ќе си имаме работа. Жалам што градоначалникот не беше присутен, и упорно во јавност ја искривува вистината“, вели Атанасов.

Радио МОФ преку социјалните мрежи проба да стапи во контакт со Саше Спасовски, за да се чуе и неговиот став за вчерашните случувања, но засега не успеа да добие одговор.

Од МВР, пак, потврдуваат дека лице со иницијали К.А. било нападнато, но засега ниту во телефонскиот разговор, ниту во билтенот нема информации кој е напаѓачот.

„На 17 декември пријавено е дека истиот дека околу 16:10 часот, при одржување на презентација на ДУП од Општина Карпош, лицето А.К. бил физички нападнат. На местото на настанот излезени се полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, вели портпаролката Лиза Бендевска од МВР за Радио МОФ.

На нашето прашање дали МВР го имаат евиндентирано напаѓачот, Бендевска вели „ова е се’ што засега го имаме како информација“.

Иницијативата на граѓани од Трнодол денес со писмо-реакција се обрати до медиумите. Тврдат дека граѓани од Трнодол се обидувале да влезат во преполната сала за јавната расправа, каде имало само 36 седишта, а присуствувале преку 120 луѓе, од кои сметаат половината морале да бидат надвор, бидејќи немало немало место ни за стоење. ДУП-от го карактеризираат како криминален, од причина што сметаат дека заедно со регулацискиот план се прават врз основа на куп законски прекршоци.

Граѓани од Трнодол: Вистината за населбата – последниот бастион пред урбаната мафија

„Нашата намера беше уште еднаш, сега во поширока форма од претходно, аргументирано и со документи да ги предочиме тие прекршувања и предочиме на почитување на законската регулатива. Тоа ни беше оневозможено бидејќи ‘платениците’ на градоначалникот започнаа со ситни закачки и заканувања и веќе беше јасно дека овде излагање тешко дека ќе има. Впрочем и тоа им беше и намерата, воопшто да нема презентација, бидејќи на градоначалникот му беше јасно дека сиот прљав веш може да излезе на виделина. На команда од надвор во салата влегува уште една група рекетари и го удира еден од нашите комшии, потпомогнат од своите соучесници“, велат од иницијативата.

Дека е удрен нивниот сосед, а не службеник, велат тие, може да се потврди од Ургентниот центар каде соседот бил прегледан.

„За среќа кај граѓаните од Трнодол, кои беа во поголем број, превладеа разумот и рекетарите беа избуткани надвор од салата без да настане физичка пресметка за тие да почнат да трчаат и бегаат вон бараката знаејќи дека наскоро ќе дојде полиција. Притоа партиската војска му обезбедува кордон на лицето – тепач да избега“, стои во писмото на иницијативата.

Граѓаните од Трнодол, меѓу другото, прашуваат зошто се свикува презентација во мала сала за 40 луѓе, зошто биле присутни партиски војници и рекатари, но и зошто им било забрането снимање и влез на телевизиите.

За вчерашниот случај реагираше и Здружението „Го сакам Водно“. Соопштија дека бил нападнат жител на Трнодол, од лице кое тврдат дека не е жител на Трнодол, а вработен во општината во минатото.

Осудуваат физички напади од било која страна, истовремено нагласувајќи дека општината не смеела да организира настан на вака сензитивна тема без да обезбеди минимум безбедносни услови.

„Редно време е Општината да обезбеди целосна транспарентност кон јавноста за сите јавни седници и расправи! Присуството на медиумите и јавноста не смее да биде попречувано и ограничувано, а општината треба да обезбеди аудио и видео запис на јавните настани и јасно да ги објави на свој јавен медиум! Нам како активисти постојано ни забранувате и да снимаме и фотографираме, иако немате такво законско право. Остануваме на ставот дека општината за доброто на граѓаните е таа што е должна да ги предвиди ризиците и истите да ги спречи“, објавија од „Го сакам Водно“.

По вчерашниот настан, општина Карпош соопшти дека била нападнат општински службеник, а направена е и материјална штета во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“.

Тврдат дека деновиве се пласираат лажни информации за работи за кои веќе е постигната согласност и тие се на иста страна со граѓаните.

„Се измислуваат работи кои воопшто не постојат во Предлог ДУП-от. Имено, не се предвидува ниту нова населба, ниту пак Предлог ДУП – от се однесува за населеното место Жданец. Исто така, со новиот Генерален урбанистички план целосно ќе биде избришана и јужната обиколница која треба да минува низ Водно, а често пати се споменуваше и во постапката на донесување на ДУП-от за Трнодол. Сите забелешки во врска со Предлог ДУП-от граѓаните можат да ги поднесуваат во рамки на Јавната анкета, која трае од 13 до 27 декември од 8 до 18 часот во просториите на УЗ ‘Кузман Јосифовски Питу’ и е објавен на нашата интернет страница“, соопштија од општината.

Бојан Шашевски