Физичка пресметка и тензии на јавната расправа за ДУП-от во Карпош

Пропадна и вториот обид за одржување на јавна расправа по предлог-ДУП-от за Трнодол и Козле, организиран од Општина Карпош кој беше закажан за денес, откако во преполната сала на месната заедница во Козле дојде до тепачка помеѓу групи на граѓани, пренесува Мета.

Дел од присутните видно револтирано изразиле незадоволство бидејќи, како што сметаат, Општина Карпош го форсира донесувањето на овој ДУП со кој би се зголемила урбанизацијата.

Според телевизија Телма, граѓаните се степале внатре во салата, а на снимателите и новинарите им бил забрането да влезат внатре во тие моменти. Веднаш потоа дошла полицијата, а толпата граѓани се разотишла. Во салата предвидена со слободни 30 столчиња дошле повеќе од стотина луѓе, а атмосферата била тензична уште пред закажаниот термин во 15:30 часот.

Општина Карпош соопшти дека била нападнат општински службеник, а направена е и материјална штета во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“. 

Жители на Тронодол пред два дена рекоа дека со ДУП-от може да биде поделена населбата, со цел, како што велат, да може да се издејствува помала густина на населението и да се вцртуваат нови градби без да се запазат норманите параметри за сообраќај и живеење.

„ДУП-от може да предизвика  лизгање на големи земјани маси поради градење во заштитно зеленило под брдото и во заштитниот канал од поплави, како и  сообраќајната безбедност на улица Козле и Трнодол, како и отварање на можност за градежна инвазија  и градење на населба, која навлегува во заштитното подрачје на  парк шумата Водно  која ќе се протега над контравезното Шпанско село и над населба Трнодол, Жданец и Козле, а до која е планирано да се пристигнува преку планираната јужна обиколница која треба да поминува низ населбата Трнодол по несоодветни и тесни  улици“, соопштија пред два дена од иницијативата на граѓани од Трнодол.

Од Општината, пак, сметаат дека деновиве се пласираат лажни информации за работи за кои веќе е постигната согласност и тие се на иста страна со граѓаните.

„Се измислуваат работи кои воопшто не постојат во Предлог ДУП-от. Имено, не се предвидува ниту нова населба, ниту пак Предлог ДУП – от се однесува за населеното место Жданец. Исто така, со новиот Генерален урбанистички план целосно ќе биде избришана и јужната обиколница која треба да минува низ Водно, а често пати се споменуваше и во постапката на донесување на ДУП-от за Трнодол. Сите забелешки во врска со Предлог ДУП-от граѓаните можат да ги поднесуваат во рамки на Јавната анкета, која трае од 13 до 27 декември од 8 до 18 часот во просториите на УЗ ‘Кузман Јосифовски Питу’“, велат од општината.