[Фото] Граѓани на Трнодол повторно се собраа против ДУП-от, најавуваат протести и тужби

„И по Стефчо – Стефан“, „Никој не е ГЛУП , да прифати ваков ДУП и ГУП“, „Ако пролизга Трнодол, ќе пролизга и некој до Идризово“, „Улица Козле – не може да стане козја патека“, „Трнодол не е село (Шпанско)“.

Ова се дел од паролите од вчерашниот собир на граѓани од Трнодол, кои повторно реагираа против предлог Деталниот урбанистички план за оваа населба во општина Карпош.

Граѓаните се револтирани од, како што велат, инстистирањето на градоначалникот Стефан Богоев по секоја цена да го истурка носењето на ДУП-от, па најавија дека се подготвуваат за протести и неколку тужби кон општина Карпош, градоначалникот, но потенцијално и кон општинските и градски советници.

„Општината ја закажа јавната презентација во работно време во вторник од 15:30 минути  (во просториите на УЗ ‘Кузман Јосифовски Питу’ на улицата ‘Стрезово’ бр.7),  иако граѓаните бараат таа да биде во нормално време после 17 часот. Граѓаните првата јавна расправа ја сметаат за неоддржана и прекината поради немање на документи од страна на општината, иако тоа општината тоа не го прифаќа“, соопштува иницијативата.

Според иницијативата, веќе е поднесено пред Уставниот суд преиспитување на носење на новиот регулациски план во 2018 година каде, сметаат тие, на чуден начин е поделена населбата за да може да се издејствува помала густина на населението и да се вцртуваат нови градби без да се запазат норманите параметри за сообраќај и живеење.

„Целата постапка е контравезна уште од самиот почеток кога во сред лето беше распишана јавна презентација со  непрофесионално изработениот  предлог ДУП, а сега пред нова година пред Свети Никола се брза да се донесе ДУП, кој може да предизвика  лизгање на големи земјани маси поради градење во заштитно зеленило под брдото и во заштитниот канал од поплави, како и  сообраќајната безбедност на улица Козле и Трнодол, како и отварање на можност за градежна инвазија  и градење на населба, која навлегува во заштитното подрачје на  парк шумата Водно  која ќе се протега над контравезното Шпанско село и над населба Трнодол, Жданец и Козле, а до која е планирано да се пристигнува преку планираната јужна обиколница која треба да поминува низ населбата Трнодол по несоодветни и тесни  улици“, соопштуваат од иницијативата од Трнодол.

Една од спорните маркици и згради под брдото во појас на заштитно зеленило, велат тие, се од  времето на Стефче Јакимовски од 2002 и 2010 година.

„Од градоначалникот се бара да биде совесен и разумен и да го повлече предолжениот ДУП и да предложи до Советот да донесе мораториум за градба и издавање дозволи во ризично подрачје како што е брдото под Трнодол и Жданец, за што постои истражување од 2010 година нарачано од општината и уште едно испитување кое реализирано над  германската амбасада. Потоа, да го заштити брдото со пошумување и зацврсти со шипови, да го регулира течењето на водата и заштити од ерозија, бидејќи во овој потег има преку 120 исушени дрвја, како и да се преиспитаат потпорните зидови под брдото позади двете згради на улица Козле“, велат граѓаните.

Исто така, бараат забрана за било какво градење во Парк-шумата Водно и над нивните населби.

„Враќање и поништување на контроверзниот регулациски план, прифаќање на нашите скромни и реални барања, па дури потоа да се отвари иницијатива за нов предлог ДУП“, велат тие.

Во исто време, ја повикуваат и Владата и Собранието да изгласаат законите за подобрување на состојбите во урбанизмот и продажбата на државно земјиште од општините за дооформување на парцела.

Накоро најавуваат масовни протести заедно со Козле и Жданец, а потоа и на неколку локаци низ општината, од причина што, како што соопштуваат, им е преку глава од манипулативното носење на ДУП-ови низ цело Скопје и во Карпош.

„Спротивно од ветувањата пред избори дека ќе се смени начинот на узурпирање на јавниот простор и заштита на Парк-шумата Водно, градоначалниците продолжуваат со неразумно служење на градежните профитери и неразбрани трговци“, соопштува иницијативата.

Од Општина Карпош, пак, пред некој ден рекоа дека градоначалникот Богоев во изминатиот период имал средба со засегнатите граѓани од Трнодол, кои на првата јавна презентација изразија сомнежи за овој урбанистички план.

„Целосно се заштити делот меѓу патот за Трнодол и патот за Жданец, т.н. ‘чатал’, кој ќе биде со намена Д2 – заштитно зеленило. Овој дел претходно беше со намена Д1 – парковско зеленило. Тоа значи, дека на ова место ниту била планирана, ниту ќе има зграда. Исто така, се обезбедува трајна заштита и на големиот број канали кои се среќаваат тука и тие добиваат намена Д2 – заштитно зеленило. Ќе се добие нов парк, како што беше ветено и во изборната кампања на Богоев. И претходно, но и сега, со овој Предлог ДУП се спречува т.н. ‘дебармаализација’ на Трнодол. Ќе се ограничи бројот на станбени единици за намена А1 (домување во станбена куќа), на четири станбени единици, додека важечкиот ДУП за Трнодол овозможува неограничен број на станови“, соопштија од Општината.

Во врска со висината на објектите која со Предлог деталниот план е предвидена 10.20 м со катност од П+2+Пк, велат од Карпош, постигната е согласност за задржување на постојната висина од 7.40м со висина П+1+Пк, според постоечкиот детален урбанистички план.

„За делот од населбата каде постоечката висина е веќе 10.20 м со катност од П+2+Пк, претставниците од Општината предложија истата да се намали со Предлог Деталниот урбанистички план, доколку биде обезбедена согласност од сите сопственици кои имаат претходно стекнато право со поголема висина. Исто така, со цел поголема сигурност и безбедност на граѓаните, при реализација на Деталниот урбанистички план, во посебните одредби ќе се обврзат да изработат соодветни геомеханички испитувања и притоа да обезбеди согласност од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС)“, рекоа од Карпош.

Според Богоев „завршено е времето кога ДУП- овите во Карпош се носеа за време на празници, далеку од очите на јавноста, додека граѓаните се на работа или за време на летните одмори“.

„Оваа постапка ја потврдува заложбата на Општината, овие урбанистички документи навистина да се носат заеднички и да бидат по мерка на граѓаните, а не во интерес на урбаната мафија“, истакна Богоев пред некој ден, тврдејќи дека на општинската веб страна, граѓаните покрај графичкиот ќе можат да видат и текстуален дел од планот.

Бојан Шашевски