Астрономите за првпат набљудуваа временско забавување во раниот Универзум

Астрономите имаа можност да гледаат како далечниот Универзум се движи забавено, што претставува првпат ваквиот чуден ефект, предвиден од Алберт Ајнштајн пред повеќе од еден век, да биде забележан во раниот космос.

Научниците открија дека случувањата се одвивале пет пати побавно кога Универзумот бил стар само 1 милијарди години, или околу една десетина од сегашната старост, поради начинот на кој ширењето на Универзумот го шири времето, пренесува Гардијан.

„Гледаме нешта кои се менуваат петпати побавно од денес. Тоа е како да гледате филм со намалена брзина“, вели професорот по астрофизика Герант Луис, кој го предводел ова истражување на Универзитетот во Сиднеј.

Според теоријата за општа релативност на Ајнштајн, астрономите би требало да гледаат прастари космички настани како се случуваат многу побавно од модерните. Овој ефект, познат како временско издолжување или временско забавување, е поттикнат од ширење на Универзумот. Една последица од ова ширење е дека светлоста се растегнува додека патува низ космосот издолжувајќи ја брановата должина. Ефектот предизвикува далечните галаксии да изгледаат поцрвени од тоа што се. Но, при ова истовремено се издолжува и времето – доколку далечните објекти светкаат еднаш на секоја секунда, ширењето на Универзумот овозможува дека ќе помине повеќе од една секунда помеѓу светкањето до моментот кога тоа ќе дојде до Земјата.

Астрономите претходно имаат набљудувано ѕвезди кои експлодираат во „забавена снимка“, со светкања и гаснења на речиси половина од нормалната брзина, од моментот кога Универзумот бил половина од сегашната старост. Сепак, обидите да се набљудува временското забавување во раниот Универзум, преку набљудување на далечните галаксии наречени квазари досега не успеало да го покажат овој ефект.

Луис и неговиот колега д-р Брендон Бруер од Универзитетот во Оукленд, направиле детална статистичка анализа на 190 квазари кои биле набљудувани во период од две децении и откриле дека спротивно на претходните истражувања, космичките настани навистина се развиваат многу побавно во раниот Универзум. Клучот за нивниот успех било да се најде нешто слично на отчукување на часовник во богатите светлосни појави кај квазарите.

Иако астрономите целосно очекувале да видат временско забавување во раниот Универзум и беа збунети зошто досегашните истражувања не успевале да го забележат овој ефект, ова предвудување и понатаму морало да се тестира.

„На некој начин, ова ја зацврстува довербата дека знаеме како функционира Универзумот. Имаме слика која ни ја има дадено Ајнштајн и ја тестираме одново и одново. Добар научник не ги зема работите здраво за готово. Мора да продолжи да тестира“, објаснува Луис.

Професорот Брајан Шмит, астроном од Австралискиот национален универзитет во Канбера, кој ја сподели Нобеловата награда за физика во 2011 година за откривањето на забрзаното ширење на Универзумот, вели дека науката се развива преку постојано тестирање на теоретските предвидувања.

„Во овој случај Луис и неговите соработници ги проширија истражувањата на временското забавување кои беа направени претходно со супернови на големи растојанија. И додека тие открија дека уште еднаш општата релативност предвидува она што може да се набљудува, сепак нивното откритие покренува одредени грижи околу временското забавување кај квазарите кое било проучувано во други студии“, објаснува Шмит.