Апликација за романтични состаноци во кампања за излезност на руските избори

Руска мобилна апликација за романтични состаноци се обидува да ја подигне излезноста на престојните избори преку лоцирање на корисниците на изборен „партнер“, јавуваат локалните медиуми.

Популарниот сервис за состаноци „Мамба“ воведе нова услуга наречена „Гласаме заедно“, која нуди помош на корисниците да најдат партнер со кој ќе одат на гласање на локалните избори на 10-ти септември, јавува медиумот „Дожд“, пренесува ББЦ.

За да најдат изборен партнер, корисниците разлистуваат низ сликите на другите корисници и одговараат на прашања како: „Дали би излегле на гласање со неа/него?“

Доколку двајцата корисници одговорат потврдно, добиваат порака во која пишува „Изгледа дека се допаѓаме еден на друг. Можеме да одиме на гласање заедно на 10-ти септември“. Тие можат да испратат пораки еден на друг и да најдат гласачко место кое им одговара на двајцата.

Доколку оваа услуга се покаже како успешна, „Мамба“ може да ја користи и за претседателските избори во март 2018-та година.

Директорот на „Мамба“, Андреј Бронетски за „Дожд“ изјавил дека компанијата била „советувана“ да почне со овој сервис. Но, кога бил запрашан дали советите дошле од Кремлин или од Централната изборна комисија, Бронетски одбил да одговори.

„Дожд“ пишува дека разговарале со луѓе кои се запознати со ситуацијата и кои тврдат дека предлогот бил дискутиран во Кремлин и е дел од иницијатива насочена кон подигање на излезноста на регионалните и претседателските избори.

Според Платон Маматов, директорот на Меџик Инк ПР компанијата, властите сакаат да ги натераат младите Руси да се заинтересираат за политиката. Идејата е да се сопре тие да станат „храна“ за опозициските протести, напишал тој во блог објава.

Идејата сепак не ги импресионирала корисниците на социјалните мрежи. „Апсурдна е идејата да се запознаеш со некого за заедно да гласате – верувам на „Дожд“ дека замислата дошла од Кремлин“, напишал на својата фејсбук страна опозицискиот политичар Дмитри Гудков.

„Кутрата Обединета Русија, веќе не знаат што да направат“, смета саркастично еден Твитер корисник, исмевајќи ја владејачката политичка партија во земјата.