Апчевска, Теодосиева и Багашов се македонските претставници на „Берлинале таленти“

Режисерката Марија Апчевска актерката Наталија Теодосиевa и режисерот и актер Ханис Багашов оваа година се избрани да учествуваат во програмата на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, „Берлинале таленти“ што годинава ќе се одржува дигитално од 12 до 17 февруари.

Апчевска минатата година го претстави својот краток филм „Северен пол“ чија премиера беше на Канскиот фестивал.

Теодосиева е филмска и театарска актерка со деби филмска улога во филмот на Александар Поповски, „Балканот не е мртов“ (2013). Досега има глумено во „Врба“ на Милчо Манчевски, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, а улогата во „Параболик“ од Мартин Иванов ѝ ја даде можноста да биде избрана во програмата „Сараево Таленти“ во 2014 година.

Багашов, пак, ја толкуваше улогата на Крис во филмот на Дина Дума, „Сестри“. Тој досега има играно и во „Кога денот немаше име“, а во негова режија се филмовите „Лица“, „Мишко“. За проектот во развој „Скакулци“, кој треба да резултира во краткометражен филм, ја доби главната награда на European Short Pitch 2020. Ова е негово второ учество на Берлинале, така што  годинава е меѓу десетте режисери, селектирани од цел свет, за учество во лабораторијата за развој на долгометражни филмови.

„Берлинале таленти“ е развојна програма во склоп на престижниот филмски фестивал чија главна цел е да избере учесници кои со својата креативна визија прават промени во општеството. Мисијата што ја носи целата манифестација е да се одржуваат врски меѓу различни креативци во филмската индустрија и да им се понуди водич, менторство и контакти што би потпомогнале да се развијат иднивидуални или заеднички филмски проекти.

Оваа година е 20-то издание на програмата во кое има 200 избрани учесници од повеќе од 70 различни држави. Досега низ „Берлинале таленти“ поминале 10.000 учесници, а преку 100 учесници учествувале со филмови на Фестивалот.