„Амнести“ жали за болката што ја нанесе нивниот извештај дека Украина загрозува цивилни животи

Негативните реакции околу извештајот на „Амнести Интернешнл“ каде се вели дека Киев ги загрозува животите на цивилното население продолжија и денес, пишува „Еуроњуз“.

Извештајот предизвика страв дека тој ќе служи како дополнително оправдување за бомбардирањето што го врши Москва како и зголеменото таргетирање кон цивилно население што се забележува последните неколку недели.

Вчера, „Амнести“ објави дека жали за болката што ја предизвика извештајот по чие објавување негативно реагираше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а шефот на канцеларијата на „Амнести“ во Украина даде оставка.

Во меѓувреме, руската мисија во Женева објави твит каде пишува дека „ако цивилна зграда се користи за воени цели, тоа ја претвора во легитимна цел за прецизен удар“, што предизвика дополнителни реакции против извештајот.

„’Амнести Интернешнл’ длабоко жали за вознемиреноста и гневот што ги предизвика објавувањето на нашиот извештај за борбените тактики на украинската војска. Нашиот приоритет е во овој и било кој друг воен конфликт да бидеме сигурни дека животите на цивилите се заштитени. Навистина, ова беше нашата главна цел кога го објавивме последното истражување. Иако целосно стоиме зад тоа што е наведено, жалиме за предизвиканата болка“, соопштија од групата за човекови права.

Украинските власти бесни откако „Амнести“ ги обвини за загрозување цивилни животи