Шефот на „Амнести“ во Украина даде оставка по објавениот извештај што го нарече „руска пропаганда“

Шефот на канцеларијата на „Амнести Интернешнал“ во Украина, Оксана Покалчук даде оставка од својата функција откако невладината организација го објави извештајот во кој ги обвинува украинските вооружени сили дека ги загрозуваат животите на цивилното население.

„Се повлекувам од мојата функција во „Амнести Интернешнал“ во Укарина“, напиша Покалчук на својот Фејсбук профил во петокот при што го посочи извештајот на организацијата како алатка за ширење на „руска пропаганда“.

Таа напиша и дека се обидела да ја убеди организацијата дека извештајот е нецелосен и дека е објавен без да ги земе предвид изјавите на Министерството за одбрана на Украина.

Како што пренесува „Еуроњуз“, од организацијата се изјасниле дека извештајот е поддржан од сите страни вклучувајќи го и украинското министерство за одбрана.

„Заклучоците во извештајот се базирани на засновани докази добиени за време на опсежни истраги спроведени под истиот ригорозен стандард и процес на верификација како и сите други на организацијата ‘Аменсти Интернешнал’“, изјавила генералната директорка на организацијата за заштита на човековите права, Агнес Каламард.