Американскиот сенат усвои прв закон за контрола на оружјето по 30 години

Сенатот на Соединетите Американски Држави го изгласа предлог-законот за контрола на оружјето, што е прв ваков законски текст во последните 30 години во земјата.

Предлогот беше изгласан со 65 гласови за, наспроти 33 кои гласаа против. 15 републиканци им се приклучија на сите демократи во гласањето за усвојување на оваа легислатива која следува по новите вооружени напади кои се случија во основно училиште во Тексас и во супермаркет во Њујорк, во кој беа убиени вкупно 31 лице.

Предлог-законот сега треба да добие дозвола и од Претставничкиот дом пред претседателот Џо Бајден да може да го потпише и да стане национален закон, нешто што се очекува да се случи во следните денови.

Иако значаен, сепак овој предлог е далеку под очекувањата кои ги имаа голем број активисти.

Реформата би вклучила построги проверки за лицата помлади од 21 година кои купуваат оружје и 15 милијарди долари државни средства кои ќе се инвестираат во програми за ментално здравје и подобрување на сигурноста во училиштата.

Исто така во предлог-законот се предвидуваат и средства за сојузните држави да воведат посебни закони на „црвено знаме“ со кои би се одзело оружјето од луѓе кои се сметаат за закана. Дополнително се забранува и продажба на оружје на лицата осудени за злоставување на невенчани интимни партнери.

Предлог-законот е значаен поради тоа што ова е прв ваков текст во последните неколку децении со кои се предлагаат реформи кој добива ваква поддршка и од демократите и од републиканците. Историски секој обид за зацврстување на контролата на оружјето во САД била блокирана од Републиканската партија.