Амбасада на САД: Work and Travel не е откажанo – спонзорите се должни да ја заштитат благосостојбата на учесниците

Програмата за летна студентска работа во Америка (Summer Work and Travel – SWT) не е откажана или суспендирана, велат од Канцеларијата за односи со јавност во Американската амбасада за Радио МОФ. Сепак, оттаму нагласуваат дека со неколку исклучоци, Стејт департментот во моментов не одлучува за нови апликации за виза.

„Потенцијалните учесници кои немаат важечки Ј-1 визи, видот на виза потребна за оваа програма, генерално ќе треба да почекаат да аплицираат за виза се додека не продолжат рутинските услуги за визи“, стои во појаснувањето.

Тие нагласуваат дека ако студентите изберат да патуваат во Соединетите Американски Држави, тие може да бидат ставени во карантин по пристигнувањето.

„Пред патувањето во Соединетите држави, носителите на Ј визи треба да ги контактираат нивните спонзори во врска со влијанието на Ковид-19 врз нивните програми. Тие треба да бидат свесни дека може да бидат одбиени за прием во Соединетите држави заради ограничувања на влез, вклучително и ако тие биле присутни во кое било време од 14 дена пред пристигнувањето во Соединетите држави во земја од која патувањето е ограничено според претседателските прогласи 9984, 9992, 9993 или 9996“, додаваат од Американската амбасада.

Но, ако учесникот на програмата има важечка виза J-1 и неговиот спонзор соодветно ги следел препораките, тој или таа е слободен да учествува во програмата за летни работи и патувања, потенцираат од Амбасадата.

„Учесниците на SWT треба да бидат свесни дека спонзорите се должни да го заштитат здравјето, безбедноста и благосостојбата на учесниците и може да бидат предмет на локални здравствени и безбедносни барања“, велат од Амбасадата.

Радио МОФ претходно пишуваше на темата откако повеќе студенти се пожалија дека се заглавени во процедурите поради пандемијата на Ковид-19. Оние, пак, кои се предомислуваат од страв да патуваат сред криза, велат дека се соочуваат со губење на парите кои ги уплатиле во агенциите за посредување. Овие средства во некои случаи достигнуваат и до 400 евра.

Оставени во неизвесност, студентите решиле времето да покаже како ќе се развиваат настаните. Но, како што минувало времето, понудите и работните места кои ги добиле во одредени држави и места биле откажани и им било кажано да чекаат нови. Други, пак, имале среќа да добијат, но со сменета локацијата за која првично имаат уплатено и сменето времето на поаѓање и враќање, што ги пореметува нивните лични планови.

Од Амбасадата образложуваат дека учесниците на оваа програма патуваат под покровителство на акредитиран спонзор од САД. Оттаму информираат дека американскиот спонзор е директно одговорен за пронаоѓање на студентите соодветни работни места, како и да го осигура целокупниот успех на програмата.

„Со цел процесот да биде подостапен за студентите, постојат многу локални агенции за регрутирање во Северна Македонија кои служат како врски помеѓу спонзорите во САД и студентите. Американската амбасада во Скопје не фаворизира одредена агенција. Силно сугерираме апликантите да истражат колку секоја агенција им наплаќа на апликантите за своите услуги и секој проблем треба да се реши директно со агенцијата“, стои во одговорот.

Од Амбасадата ги упатија студентите да се информираат за ефектот на Ковид-19 врз Програмата на следниот ЛИНК, додека за услугите поврзани со издавањето визи и ограничувањата на САД, може да прочитаат ОВДЕ.

„Не ни ги враќаат парите“ – конфликт помеѓу студенти и агенции за Work and Travel во САД

Емилија Петреска